Beatport го претстави новиот сервис за стриминг, замислен како конкуренција на Soundcloud

Најголемата светска онлајн-продавница за електронска музика, Beatport, го претстави својот нов, бесплатен сервис за стриминг на музика, чија цел е да претставува конкуренција на Soundcloud.

Новиот музички плеер е достапен за секоја песна која е дел од каталогот на Beatport, а секоја трака сега може да се слушне во целост (за разлика од досегашните 90 секунди), како и да се ембедира на која било веб-страница. За разлика од главниот конкурент, Soundcloud, Beatport ќе им плаќа на музичарите за секое пуштање на песните на надворешни веб-страници. За разлика од сервисот Spotify, пак, за слушање музика на Beatport нема да биде потребна регистрација и отворање кориснички налог. Песните ќе можат да се пуштаат и директно од Твитер.

„Поддршката на артистите е основна вредност на Beatport од првиот ден. Нашиот нов стриминг сервис не само што помага во промоцијата на музиката, туку исто така ги преземаме неопходните чекори како би ги исплатиле носителите на правата“, вели Clark Warner, извршниот директор на компанијата.