BB-8 „дроидот“ на Sphero сега може да се контролира со „силата“

На CES Unveiled конвенцијата (Consumer Electronics Show) која се одржува од 4-10 јануари во Лас Вегас ќе бидат претставени разни електронски алатки, уреди и играчки.

Најголем впечаток на публиката на првиот ден од саемот ѝ оставил дроидот BB-8, лик од последниот дел на франшизата Star Wars, The Force Awakens. Компанијата Sphero ја пушти оваа играчка контролирана со смартфон во продажба уште пред неколку месеци, но сега е обновена со интересна нова алатка: алка која ви овозможува да го управувате дроидот користејќи ја „силата“.

Роботот ги следи движењата на раката на која управувачот ја носи алката, така што може да се движи напред и назад, а со гестикулирање со рацете може да направите да тргне и да застане.

Sphero сé уште нема објавено официјална цена за оваа играчка, но засега се проценува дека новата верзија на BB-8 ќе чини околу 150 долари, пишува The Next Web.