Барозо: Невработеноста на младите во ЕУ е алармантна

Невработеноста на младите во ЕУ достигна алармантно ниво предупреди претседателот на Европската комисија, Жозе Мануел Барозо  во говорот пред Центарот за управување со Европа во Брисел.

Жозе Мануел Барозо

Според Барозо, ситуацијата со големиот број на невработени лица на возраст од 15 до 24 години претставува „губење на човечки ресурси и талент што Европа не може да си го дозволи“.

„Сеопфатна стратегија за поддршка на преминот од училиште кон работа е единствено барање за најголемиот дел од земјите-члени на Европсата унија. Затоа ние ја поставивме т.н. Младинска стратегија, по чија сеопфатна шема ќе стигнеме до сите невработени и неактивни млади лица“, истакна Барозо.

Тој посочи дека Европската комисија има определено буџет од шест милијарди евра за помош при вработување на младите, но побара силна влученост и одредување на финансиски средства и од страна на земјите-члени на ЕУ за справување со рекордната младинска невработеност од над 25 милиони лица.

„Европа како политички проект треба да се базира на цврста верба во нашиот општествен модел, нашата социјална пазарна економија и врз основните вредности. Таа ќе може да просперира само ако им дадеме можности на нашите млади луѓе. Ова е навистина едно од најпознатите егзистенцијални прашања со кои се соочуваме, со цел да немаме изгубена генерација во Европа“, додаде Барозо.

Целиот говор на претседателот на Европската комисија може да го прочитате ОВДЕ.