Австријци со автомобили ќе одат по бегалците во Унгарија

Околу 3000 лица се придружија на австриската граќанска иницијатива покрената преку Фејсбук кој повикува на формирање конвој од приватни возила кои ќе тргнат кон Унгарија и ќе ги превезат мигрантите до Австрија.

„Истече времето на упатување повици кон Европската Унија и политичките челници, сега треба да делуваме“, напишаа активистите на страницата „Конвој Будимпешта – Виена“. Според најавите, првиот конвој од Виена треба да тргне по бегалците во недела наутро и да довезе колку е можно повеќе лица од Будимпешта, се вели на интернет страницата.

Организаторите велат дека реагираат на одликата на унгарските власти оваа седмица да го запрат железничкиот сообраќај со Западна Европа, иако бегалците имаат важечки карти.

Четири австриски граѓани вчера се приведени во Будимпешта и се осомничени дека сакале да превезат бегалци кон Австрија, престап за кој може да се добијат до 5 години затвор во Унгарија.

Шефот на унгарската дипломатија, Петер Сијарто, по интервенцијата на неговиот австриски колега Себастијан Курц, рече дека активистите сепак ќе бидат ослободени.
Австриското МВР пак потсетува дека помагањето на илегалната имиграција претставува престап за кој се плаќа казна од 5 000 евра.

Од Иницијативата Конвој пак посочуваат дека ќе даваат правна помош на учесниците, како и дека е преседан тоа што минатата недела австриската железничка компанија OBB изнајмила воз за бегалците.