[Аудио] Skills that pay the bills: Со развој на стартапите до намалување на одливот на мозоци

Секој трет залак што денес ќе го изедете е благодарение на пчелите. Тие се главни опрашувачи на 80 отсто од раститениот свет, но и се најподложни на климатските промени. Познатиот научник Алберт Ајнштајн прогнозирал дека доколку пчелите исчезнат, на човечкиот вид би му преостанале уште 4 години живот. Во обид да го променат ова, македонскиот стартап „Macedonian honey“ создаде иновативна кошница за која годинава ја освоија Европската награда за стартапи.

„Таа цел ја постигнување со новиот начин на пчеларење. Инвенцијата на новата кошничка Ел хаив, таа е прва македонска кошница со која пчелите стануваа посилни и нивниот генетски материјал им овозможува нивните генерации пчели полесно да се псрават со предаторите и климатските промени“, вели Елена Фиданоска од Macedonian Honey.

Со помош на стартапот, тие ќе ги едуцираат пчеларите и ќе поттикнуваат производство на 100 отсто чист планински мед, без антибиотици или други вештачки материјали. Фиданоска и нејзиниот тим создадоа и платформа која ќе служи како интернационална станица за пчели каде поединци и фирми ќе се сретнат и ќе соработуваат за заштита на природата.

„Во Македонија пчеларењето е повеќе кон комерцијално насочено, пчеларите повеќе нормално го гледаат медот како основа за нивна егзистенција, е сега ние решивме наопаку да ја завртиме работата, затоа што ако имаме силни пчели, ќе имаме и мед“, вели таа.

На пазарот постојат веќе три години и за тоа време се соочиле со речиси сите предизвици што ги има секоја помала стартап компанија – од бирократски пречки, до достапност на фондови. Но, нивната упорност ги мотивира да продолжат напред.

„Многу работи се речени во врска со водењето бизнис кај нас. Но, една преовладува во сите теории, тоа е упорноста. Навистина човек мора да биде посветен на идејата, да направи компомис со своите вредности кои ги вградил во работата и парите не се главен мотив, барем кај нас, туку пасијата и убедувањето дека со тоа ќе направите промена и може да го смените светот“, вели Фиданоска.

Да се најде нешто што на општеството му недостига, а вам ќе ви донесе пари. Да се изгради долго замислуваната идеја почнувајќи од нула, така што безусловно ќе ги вложите сите вештини – вака отприлика звучи процесот на создавање на еден стартап. Не постои загарантиран успех, но патот до него го трасираат упорноста и желбата да се создава.

Студентите Филип Димитровски, Филип Макрадули и Дарко Тодоровски го создадоа софтверското решение Анита.аи со кое неодамна победија на Стартап викендот во Скопје. Алатката е наменета за софтверски инженери кои за кратко време сакаат да тестираат одреден алгоритам за вештачка интелигенција, без да мора да програмираат.

„Ова е поттик да продолжиме напред, сметаме дека е интересен настан. Не станува збор за некој континуиран успех, ова е викенд настан каде брзо можеш да се испробаш идејата, дали на другите ќе им се допадне, дали ќе резонира со нив и дали таква може да расте  и да се прошири кон успешен бизнис“, вели Димитровски.

За него и неговите колеги, најважно е да постојат вистински производи, приказни од кои би се инспирирале и претприемачи кои своето знаење ќе го пренесат на идните генерации, бидејќи како што вели Димитровски, знаењето од училиште не е доволно.

„Читам најмногу на интернет, читам „Хакер њуз“, „Редит“ и учам од вистински приказни, од презентации, ткн. „Пич декс“, користам вистински ресурси кои им помогнале на веќе постоечки успешни бизнис“, објаснува тој.

Настаните како Стартап викендот служат за промоција на што повеќе идеи кои во иднина би го нашле своето место на пазарот вели Ѓорѓи Кушевски, директор на CEED Hub акцелераторот за бизнис идеи и стартапи во Скопје.

„Тие се прилика прво на младите луѓе да дојдат  и да се проверат до кај се. Да се споредуваат со некои други, второ сите тие настани воглавно, имаат и дел каде добиваат менторска поддршка, и можноста некоја друг да ги види, претставници на организации и компании кои инвестираат во стартапи“, вели тој.

Претприемништвото како предмет е застапено уште во основното образование, па сè до факултет. Но, она што недостасува е практичниот пристап, смета Кушевски. Ако ученикот само гледа и слуша, а професорот зборува и пишува, нема да има ефект.

„Ние мораме полека да го менуваме ‘мајндсетот’ на младите, бидејќи досега имаа две опции во главите, или да се вработи во државна администрација, или настрана. Е, ние сакаме да им ја дадеме третата опција – да останат тука, да се обидат да направат компанија, да им помогнеме на секој можен начин, и со техничко знаење и со експерти и финансии, да останат тука затоа што сите ќе имаме бенефит. Оти многу подобро е овде да работиш нешто што го сакаш, отколку да отидеш на страна и да работиш нешто што го мораш за да опстанеш“, смета Кушевски.

Горан Стојановски е еден од оние млади луѓе кои решиле да останат во државата и овде да започнат свој бизнис. Неговата компанија „Елевејт Глобал“ го изработи софтверот наречен АСАП, кратенка од as soon as possible, која им помага на големите компании да донесуваат одлуки во многу брзо време.

„Идејата е сите софтвери и алатки кои постојат досега се фокусираат на процесирање на едн тип на податоци. На пример само на сензорски податоци ако зборуваме за индустрија, или само на витер пораки ако зборуваме за некој анализа на социјални мрежи. Нашата алатка овозможува комбинирање на разни видови податоци – време, текстови, географски податоци, во еден мотор за процесирање на податоците и во многу кратко време, од милисекунди дава сугестии за акции коишто компанијата треба да ги преземе“, појасни Стојановски.

Идејата првично ја развиле за интерни потреби, но увиделе дека тоа е потреба на секоја компанија. Нивниот производ беше победник и на Бетапич натпреварот за стартапи, организиран од Центарот за трансфер на технологии и иновации – Инофеит и Фондацијата проф. д-р Димитар Стамболиев.

Самата победа не е најважна на овие настани, бидјќи поенатат е луѓето да дознаат која е вашата идеја, да видат дали може од неа да се направи бизнис. Јас сум бил сведок на многу вакви настани каде оние кои не победиле, добиле финансирање од компании и лица кои веруваат во нивната идеја. Така што, најважното е да се дискутираат идеите јавно и да се добие фидбек“, смета тој.

И Стојановски се согласува дека нивен најголем предизвик било отсуството на едукација за бизнис.

„На пример, ние како компанија, составена од комплетно инженери, немаме позадинско познавање на тоа како функционира бизнис заедницата, за тоа како се евалуира добра идејаи како се прави добар бизнис план, како се прави проекција  за растатот на компанијата во неколку години наназад. И тоа во последниот период е нешто што го учевме со луѓе кои знаат како тоа се прави“, вели тој.

Македонскиот стартап екосистем полека, но сигурно се развива, уверува управителот на Центарот за трансфер на технологии и иновации, Владимир Атанасовски. Центарот речиси две години функционира во склоп на Факултетот за електротехника и информациски технологии. Негова главна цел е да ги спои академијата со индустријата.

„Ние сме заинтересирани, не само нашите истражувања да останат необјавен труд во списание, или на конференција, или да останат на симулација, сакаме да се обидеме најгрубо кажано, од нашето истражување да поттикнеме економија, односно да креираме вредност која потоа може да биде компанија што самостојно ќе функционира, односно да направиме пари. Иновацијата да ја направиме комерцијален продукт“, посочи тој.

Нивната визија е да прераснат во самоодржлив, истражувачки центар. На тој начин, вели Атанасовски, ќе помогнат да се намали одливот на талентирани млади луѓе. Тој верува дека ако студентите видат оти и овде можат да работат на иновативни проекти, ќе се откажат од идејата да си заминат. Но, за тоа да се случи, нагласи Атанасовски, потребна е и подадена рака од локалните компании.

„Јас мислам дека најголемите од стартапите и спин-оффите кои се фокусираат на локалниот пазар, прават уште во старт огромна грешка затоа што локалниот пазар е релативно мал. Најголемите светски компании во принцип работат интернационално, така што мора да биде таргетот во денешно време меѓународен пазар – мора да размислуваат за идеи што ќе излезат далеку од Македонија“, им порача Атанасовски.

Автор: Емилија Петреска

Монтажа: Ана Марија Милојевиќ, Даниел Евросимоски

——–

Целта на подкастот е да ангажира млади лидери преку претприемништво и да ја подобри свеста за клучните економски проблеми со кои се соочува македонската младина.

Подкастот беше изработен со поддршка од Центарот за меѓународно приватно претприемништво (CIPE) во рамките на проектот „Ангажирање на приватниот сектор во образованието за претприемништво“. Не ги претставува ставовите на Центарот. Проектот го спроведуваат Младинскиот образовен форум (МОФ) и Институтот за европска политика (ЕПИ).