Архитект дизајнираше куќички за бездомниците во Лондон

James Furzer  е архитектот кој дојде до идеја како да им помогне на бездомниците во главниот град на Англија – со создавање на куќички прилепени до населени згради и кои можат да се користат за спиење.

Тој освои награда за својот архитектонски дизајн направен од иверка. Привремените засолништа, кои можат да се искористат за преноќување или за одмор преку ден се прицврстуваат за зградите со челични рамки.

Луѓето ќе можат да влезат преку скала, а внатре има кревет со душек и импровизирана станбена површина. Ѕидовите се соодветно изолирани, нема струја, но во иднина, во случај да е потребно, може да се вклучи и користење на соларна енергија.

Архитектот бил инспириран да ги дизајнира овие куќи откако слушнал негативни коментари за луѓето без дом во Лондон и следејќи ги најновите мерки против бездомните лица низ главниот град.

Тој ја освои наградата на шестото издание на Space for New Visions competition. И покрај тоа што неговиот дизајн засега претставува само концепт, Furzer се надева дека тие ќе се реализираат.

Според државните статистики, бездомништвото е сериозен проблем во Англија. Во есента, минатата година, биле регистрирани 2744 бездомници, или 14 отсто повеќе од претходната година. Во Лондон биле избројани 742 луѓе без покрив над глава што претставува 27 отсто од вкупниот број во државата.

Неодамна низ Лондон почнаа да се поставуваат шилци, за бездомниците да не можат спијат пред излозите и ќошињата во полуксузните градски квартови, но мал тим активисти, огорчени против ваквиот однос кон луѓето без дом, ги претворија шилците во удобен кревет и библиотека.