„Аполо 11 – копнежот за Месечината, некогаш и сега“ – предавање на ФЕИТ

Скопското астрономско друштво вечерва од 20 часот во амфитеатарот при Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) организира предавање „Аполо 11 – копнежот за Месечината, некогаш и сега“.

Со ова, Друштвото вели дека ќе го отворат циклусот популарни предавања од областа на астрономијата со секогаш возбудливата тема за почетоците на вселенската програма, мотивот и развој на програмата Аполо.

„Поттикот за совладување на небото од секогаш будел силен восхит кај човекот. Таа желба да се достигнат височините била фантазија опишана во многу книги, текстови, слики, разговори… Фантазија, се додека не се случила на јаве! Ќе зборуваме како еден мал чекор може да предизвика многу за растот на цивилизацијата, зошто речиси 50 години нема нови човечки стапки на Месечината, како и за перспективите и плановите за иднината“, соопштува Друштвото.

Цената на билетот е 100 денари. За членовите на Скопско астрономско друштво и за студентите од ФЕИТ, Машински факултет и ФИНКИ – Скопје влезот ќе чини 50 денари (притоа посетителот треба да покаже членска карта или индекс).

„Билетите се купуваат пред почетокот на предавањето, на влезот на амфитеатарот, и не е потребна претходна најава. Ве молиме да дојдете 10 минути пред почетокот, како би можеле навреме да купите билет и да се сместите во амфитеатарот пред почетокот на предавањето“, велат од Друштвото.