Апликација покажува како би изгледала сириската војна во сопствената држава низ бројки

Ако војната во Сирија се случила во Македонија, би умреле 27 илјади луѓе, без безбедна вода за пиење би биле 1,4 милиони луѓе и би им требало медицинска помош на 1,1 милиони луѓе. Раселени би биле еден милион луѓе, храна ќе немаат 866 илјади луѓе и 457 илјади луѓе ќе станат бегалци, покажува нова апликација.

И покрај тоа што се смета за една од најголемите хуманитарни катастрофи во 21 век, голем дел од популацијата се уште останува рамнодушна за сириската војна. Поради тоа, со цел да потсетат на штетата што е направена, тим програмери развија апликација која овозможува секој да провери како би изгледала војната доколку се случувала во сопствената земја.

Сириската граѓанска војна почна пред пет години, во март 2011 година, кога стотици сириски демонстранти излегоа на улиците на Дамаск барајќи да се симне од власт претседателот Башар ал-Асад.

Се започна во градот Дараа, кога 15 момчиња, помеѓу 10 и 15 години беа уапсени и малтретирани од страна на тајната полиција, откако тие насликаа графити на кои пишуваше: „Луѓето сакаат да го соборат режимот”.

Овој инцидент предизвика серија протести кои се ширеа низ целата земја. Суровите и остри мерки од страна на Владата наскоро ја претвори опозицијата во вооружен бунт. Како што граѓанска војна ескалираше, Исламската држава влезе во кавгата и почна да бара територија.

До минатиот месец, конфликтот зел повеќе од 270.000 животи, според сириската опсерваторија за човекови права.

Канцеларијата на ОН за координација на хуманитарни работи (ОЦХА) проценува дека повеќе од 1,2 милиони луѓе биле повредени. Повеќе од половина од 20 милиони луѓе во Сирија се раселени, а 4,6 милиони од нив станале бегалци надвор од Сирија.

Се проценува дека на 13,5 милиони луѓе им е потребна хуманитарна помош; 11,5 милиони луѓе бараат здравствена помош; 8,7 милиони луѓе се без доволно храна; на 2,4 милиони луѓе им е потребно засолниште, а 70 отсто од населението нема редовен пристап до безбедна вода за пиење.