„Анима Мунди“: Институциите слепи за тортурата над коњите

„Сцените со измачувани, изгладнети, преработени, тепани коњи во државата се секојдневие за кое изостанува реакција од надлежните институции иако со години апелираме дека во ваквите случаи се кршат повеќе закони“, велат од Здружението за заштита на правата на животните „Анима Мунди“.

Тие сметаат дека овие животни се жртва на тортура, но и дека преставуваат сериозна опасност за учесници во сообраќајот.

„Анима Мунди“ достави Иницијатива за заштита на коњите, со која бараат законска забрана за нивно искористување во сите урбани средини.

„Укажуваме дека за недминување на постоечките проблеми и третирање на оваа проблематика неопходно е усогласување на законските акти, меѓуресорна синхронизација  и соработка помеѓу сите надлежни институции и органи од државно или локално ниво – конкретни измени на законски прописи и нивно усогласување нудиме директно во предложената Иницијатива“, велат од „Анима Мунди“.

Иницијативата подразбира:

1) Идентификација на животните на територија на град Скопје и другите урбани општини, нивната психофизичка состојба и секако сопствениците на тие коњи, за што здружението нуди помош; законско регулирање на сопствеништвото на коњите;

2) Воведување законска забрана за движење на влечни коли со коњи во урбани средини и брзи сообраќајници, директна интервенција во законот за на Законот за безбедност во сообраќајот на патиштата кој ја уредува ваквата пракса;

3) Итно одземање на коњите кои се болни, стари, изнемоштени и нивно згрижување на безбедна локација – наменски центар за рехабилитација за што нудат стручна и директна помош, како и во спроведување на едукативни кампањи за хуманост и грижа кон животните со што ќе помогнат во обезбедување на дополнителни донации од државата и странство.

3.1. ) Засилување на надлежностите на ЕЛС , т.е. во рамки на Одлуките за комунален ред на општините (пред се граските општини) да се воведат одредби со кои се за забранува движење на запрежни коли или само коњи по коловозите и нивно напасување на јавни површини;

4. Обештетување на лицата кои го користеле коњот како превозно средство и начин за заработка/преживување, т.е. да им се овозможат начини да дојдат до средства за живот и превозно средство; да им се понуди решение и даде соодветно превозно средство со кое ќе продолжат да ја вршат нивната работа – кое ќе им помогне безбедно и непречено да се движат во сообраќајот. Со тоа ќе се помогне/ олесни нивното живеење, а нивната собирачка активност ќе се подигне на повисоко ниво, да добијат статус на работници или помошници на Јавните Комунални претпријатија, кои со својата работа помагаат во рециклирањето на сметот.

Од Здружението бараат Иницијативата итно да биде разгледана и да се пристапи кон законски измени – процес во кој како што велат, сакаат да бидат вклучени.