Анализа: Учениците и студентите преферираат настава во живо или комбиниран модел

Најголем број од младите во регионов, над 70%, не сакаат да продолжат со онлајн настава и сметаат дека ниту тие, а ниту професорите не вложуваат доволно напори за квалитетна настава преку интернет што резултира во ниско до средно ниво на стекнато знаење и несоодветна едукација.

Ова го покажува онлајн истражувањето на Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи (ИДУЕП) спроведено помеѓу ученици и студенти од Северна Македонија, Србија и Албанија во текот на јануари, годинава.

Впечатлив и заеднички став на младите од трите земји е податокот дека, помалку од една третина од нив е за продолжување на онлајн наставата, додека останатите се залагаат за настава со физичко присуство или за комбиниран хибриден модел. При тоа само 14,6 % од младите во Албанија сакаат да учат онлајн, додека 44% се за физичка настава, а 41,4% се изјасниле за комбиниран модел.

Во Северна Македонија, 27% од учениците и студентите вклучени во онлајн истражувањето се за онлајн модел, 41% сакаат да се вратат во клупа, додека 32 се за комбинирана модел на онлајн и физичка настава. 21% од младите Срби, пак, повеќе сакаат да учат онлајн, 37% се за настава во училиштата, додека 42% посакуваат да имаат можност и за онлајн и за физичка настава.

„Факт е дека КОВИД-19 пандемијата ги фати неподготвени образовните системи во земјите од регионот. Но, две години подоцна, ваквите бројки недвосмислено покажуваат дека многу не сме промениле, ниту сме вложиле доволно во градење доверба во новите технологии и методи за учење. И јас лично преферирам настава и обуки во живо, но потсетувам дека доколку не беше дигиталната технологија, многу ученици и студенти ќе останеа во пандемијата без завршена година, а дел од младите ќе мораа да го одложат своето дипломирање или магистрирање за 1-2 години. Сепак, технологијата овозможи до тоа да не дојде, односно сите да продолжиме во нови околности да учиме и работиме. Главниот предизвик останува квалитетот на наставата, а сите учесници во оваа онлајн анализа јасно укажуваат дека сакаат дигитални реформи, но според урнек и навики на учениците и професорите. Тоа значи дека нема простор за импровизација, туку е потребно да се започне со еден инклузивен процес во кој ќе бидат вклучени и слушнати сите чинители во образовниот систем“, истакна Бојан Кордалов, комуниколог и еден од авторите на оваа анализа.

Поделено е мислењето околу квалитетот на онлајн наставата, како и подготвеноста на наставниците и професорите за настава во новите услови за учење на далечина предизвикани од КОВИД-19 пандемијата. Во просек и во двете категории голем процент млади сметаат дека наставата била неквалитетна, а професорите биле неподготвени, додека највисока оценка 5, дале нешто над 20% од испитаниците.

Најнезадоволни се младите во Албанија каде над 40% им дале просечна или ниска оценка на професорите, а само 10% сметаат дека тие добро ја извршувале онлајн наставата. Мислењата по ова прашање се најмногу поделени во Србија и Македонија каде речиси 30% сметаат дека професорите не биле подготвени за онлајн настава, додека исто процент од 30%  испитаници дале највисока оценка на наставниот кадар.

Учениците и студентите не се многу задоволни ни од трудот што самите тие го вложиле, ниту од она што го научиле за време на онлајн наставата во изминатиот период. Според анализата, најсамокритични се младите во Албанија каде речиси 48% не се задоволни од стекнатото знаење, додека над 47% од младите во Македонија и Србија дале повисоки оценки во оваа категорија.

„Враќање назад од процесот на дигитализација нема. Особено не за младите генерации. Пораката која тие ја испраќаат е многу јасна. Велат сакаме назад во училишните или факултетските клупи, но во современо образование, во кое дигиталните алатки ќе бидат вклучени во процесот на учење и прилагодени на нашите навики. Истовремено, учениците и студентите бараат избор – тие да одлучат дали и кога ќе бидат дел од физичка, а кога дел од онлајн настава. Можеби на повозрасните генерации ова им звучи чудно или неизводливо, но времето во кое денес се функционира е „по своја мерка“ или „on demand“. Како што имаме можност за гледање на ТВ содржина во време кога нас ни одговара, пристап до својата електронска пошта или база на податоци и надвор од работното време и работното место, така младите генерации силно бараат и очекуваат многу повеќе избор. Тоа е спротивно на т.н. железна дисциплина во која ние учевме и студиравме, но светот се менува. Затоа ако сакаме да создадеме генерации кои ќе бидат функционално, но и дигитално писмени, потребно е брзо да се прилагодуваме и менуваме според навиките и очекувањата на мовите генерации“, потенцира Кордалов.

Ова, според него, покажува дека иако во одредена мера се задоволни со начинот на одвивање на наставата, младите од регионот сепак имаат забелешки дека наставниот процес не се истакнал со голема иновативност, како и дека ваквиот резултат се должи на тоа што наставната содржина не била презентирана на интересен начин на интернет платформите.

Според нив, онлајн наставата има и позитивни аспекти меѓу кои простор за подобро менаџирање на времето, флексибилност во следење настава како и стекнување на нови ИКТ вештини од страна на сите чинители во воспитно-образовниот процес.

Мнозинството од младите во Македонија (50,2%) и Србија (47,6%) сметаат дека е возможно да се учи на социјалните мрежи, како и дека просторот на социјалните медиуми нуди многу можности за учење, ама не е доволно искористен. (Србија 45,1%, Македонија 37,8%). За разлика од нив младите во Албанија не гледаат таква можност – над 44% одговориле дека не е возможно да се учи преку социјалните мрежи, ниту пак дека овие дигитални канали нудат такви можности (50%).

Сепак, генерално мнозинството млади во регионот сметаат дека е потребна реформа преку дигитализација на наставата што вклучува и наставна програма направена на интересен и иновативен начин, прилагодена на потребите на учениците и студентите. Со ваквиот пристап, според младите вклучени во онлајн анкетата, ќе се зголеми и квалитетот на нивното знаење и вештини.

Она што охрабрува, според Институтот, е дека речиси сите млади во регионот се подготвени да прифатат позитивни промени и иновативни решенија за учење.

Младите препорачуваат дека за подобра настава и онлајн е потребна подобра едукација и подготвеност на професорите, поголема интеракција со учениците, подобрено искористување на алатки за учење – мисловни мапи, дијаграми, презентации и користење на различни дигитални алатки со цел материјалот да биде пренесен на поинаков начин дури и при настава во живо. Дел од младите предлагаат и да се снимаат предавањата, а снимениот материјал да биде достапен за секој ученик/чка или студент/ка во текот на учењето.

„Од тоа какво образование ќе добијат младите луѓе денес, зависи во каква држава и свет ќе живееме во иднина. Денешните генерации на ученици и студенти за неколку децении ќе бидат лидери на јавните институции и на компаниите во земјите од регионот, но и лидери и лидерки на меѓународните институции ширум светот. Ако не се стекнат со квалитетно образование, прилагодени на нивните навики на учење и воспримање на информации, може да останат без најважното – образование и социјализација. Штетата ќе ја трпиме сите, а се сомневам дека истата ќе имаме можност да ја санираме или надоместиме“, заклучува Кордалов.

Ова онлајн истражување беше спроведено во перидот помеѓу 20 и 31 јануари 2022 година, а се одзваа над 500 млади луѓе – ученици и студенти од Албанија, Србија и Македонија. Истражувањето беше спроведено во соработка со регионалниот Институт за добро управување и евро-атлантски перспективи (ИДУЕП), а како партнерска организација се јавува и Форумот за образовни промени – ФОП.

Резултатите и сите добиени предлози ќе бидат интегрално доставени до државниот врв и владите од земјите на Иницијативата „Отворен Балкан“ – Србија, Албанија и Македонија.