Анализа: Ненаплата на даноци, погрешна пресметка на плати – ревизија во Општина Арачиново

Не се издавале решенија за плаќање на данок на имот и комунална такса на фирма, не се остварувале приходи од комунална такса за користење музика во јавните локали и од истакнување реклами, не бил направен ребаланс на Буџетот во 2017 година иако имало значителни отстапувања помеѓу планираните и реализираните приходи и расходи, несоодветен попис на побарувањата што ги имала општината, неконтролирано трошење на пари за гориво и телефонски сметки – ова се само дел од наодите во објавените ревизорски извештаи кои се однесуваат на финансиското работење и менаџирање на општина Арачиново во 2017 година. Одговорноста за наодите во извештајот е на градоначалниците Брахим Ајвази и Миликие Халими.

Како се полнел и трошел општинскиот буџет…

Во општина Арачиново не е воспоставен систем на внатрешна финансиска контрола, која е значајна за прибирање на буџетските приходи и управување со расходите. Ревизорите нотираат низа на слабости во овој сегмент, меѓу кои и недоволен број на вработени но и неназначани раководители на одредени сектори во општинската администрација.

„Во одделението за општи, правно-нормативни и финансиски работи нема ниту еден вработен а сметководствените работи на општина ги врши надворешно лице ангажирано со договор на дело. Невоспоставените контроли создаваат ризик од нецелосно и ненавремено утврдување и наплата на даноци и такси и ризик од ненаменско и незаконско трошење на буџетските пари “ – се нотира во ревизироскиот извештај и се препорачува градоначалникот да преземе активности за кадровско екипирање на одделенијата согласно Правилникот за систематизација на работните места но и да се преземат мерки за воспоставување на соодветен контролен систем. Така, ревизорите препорачуваат:

„Обезбедување на системот на двоен потпис што значи финансиските и оперативни елементи на секоја активност да се верификуваат од две меѓусебни независни лица“

Во 2017 година, ревизорите констатирата значајно потфрлување и на приходната и на расходната страна на општинскиот буџет пришто планираните приходи биле остварени само со 62% а проектираните расходи со 59%.

„Значителното отстапување од остварените приходи во однос на планираните призлегува од приходите од даноци на имот кои се остварени само со 58%, даноци на специфични услуги остварени со само 48% додека кај приходите од такси за користење или дозволи за вршење на дејност и продажба на земјиште и нематеријални вложувања остварувањата се од 0%“ – пишува во ревизорскиот извештај и се посочува дека не е направен ребаланс на Буџетот во согласност со законската регулатива.

Дополнително ревизорите нотираат :

„Општината нема издадено решенија за задолжување со данок на имот на даночните обврзници физички и правни лица согласно одредбите од законот за даноците на имот. Општина Арачиново нема воспоставено регистер на обврзници по основ на комунална такса на фирми и нема издадено решенија за задолжување со комунална такса на фирми “ – се наведува во извештајот.

Исплата на плати, привремени вработувања …

Во 2017 година општина Арачиново на име плати и надоместоци исплатила скоро 57 000 евра, во општината биле вработени пет административни службеници и три помошно-технички лица. Ревизорите направиле увид во пресметките за плати и меѓудругото го констатирале ова :

„Општината нема донесено Правилник за утврдување плати, додаток на плати и надоместоци на плати на вработените кои вршат административно-технички и помошни работи а решенијата за вработување и за пресметување плати не се во согласност со Законот за административни службеници. Констатирана е грешка при пресметка на плата за минат труд. Поради ваквиот начин на пресметка во 2017 година исплатени се помалку средства на вработените за минат труд во износ од 211 000 денари ( 3 400 евра) а со тоа и помалку исплатени придонеси за социјално осигурување“

Општината ангажирала и лице преку Агенцијата за привремено вработување за вршење на административни работи што според ревизорите не е во согласност со законската регулатива која точно утврдува во кои случаи може да се спроведат привремени вработувања. Дополнително за овие вработени општината немала евидентни листи за нивното присуство а не се поднесувале ниту месечни извештаи за извршените работи.

„Поради ваквата состојба на привремено ангажирање на работници, без евиденција на нивното работно време, без извештај поднесен од нивна страна за извршените работи во текот на месецот, ревизијата не може да се увери во реалноста и објективноста на потрошените средства за оваа намена а со тоа и во наменското трошење на буџетските средства“ – нотира ревизорот и обелоденува дека за привремено ангажирање на лица биле потрошени околу 16 500 евра во 2017 година.

Службените возила со кои располагала општината се користеле без интерен акт со кој треба да се регулира условите и начинот на користење. Во 2017 година за гориво биле потрошени околу 8 300 евра.

„Не се изготвуваат налози за користење на службени возила од кои може да се утврди целта за која истите се користени односно недостасуваат податоци за службеното дејствие што се врши, местото на поаѓање и на упатување, поминати километри, потпис на возачот и потпис на корисникот. Исто така ревизијата констатира дека е точено гориво и на возила кои не се во сопственост на општината“ – пишува меѓудругото во ревизорскиот извештај.

Без интерен акт за регулирање на условите се користеле и службени мобилни телефони за што во 2017 година за телефонски услуги биле потрошени скоро 5 000 евра. Истата година била исплатена истата сума по основ на склучен договор за одржување на локални услици и патишта во општината во текот на зимскиот период.

„Ревизијата констатира дека исплатата не е извршена согласно член 3 од договорт односно истата е извршена без работни налози и без извештаи за изведените работни активности од страна на изведувачот“ – наведува ревизорот.

Под лупа е и јавна набвка за реконструкција на улица во Арачиново вредна 57 000 евра пришто се утврдени низа пропусти, меѓу кои и изведување на работи без одборение за градба. Прекршувања се утврдени и при јавна набавка на водни пумпи – компресори и бушење на четири бунари во село Арачиново, вредна 49 000 евра.

„Во 2017 година без постапка за јавна набвка извршени се набавки на стоки и услуги во вкупен износ од 94 000 евра“ – нотираат меѓудругото ревизорите.

На крајот од 2018 година во однос на сите овие наоди се одржал состанок со градоначалниците и одговорните лица во општина Арачиново и во однос Нацрт извештајот на ревизорите не биле упатени забелешки.