[Анализа] Дали политиката ги смрзна учениците?

Проблемот со долговите на училиштата се мери во милиони евра. Според официјалните бројки на ЗЕЛС, во земјава сите училишта имаа вкупен долг од 16,2 милиони евра по основ на неплатени сметки за комуналии и струја  и за превоз на учениците. Додека од една страна се најавуваат европски и софистицирани програми по кои треба да се образуваат учениците, од друга страна реалноста на системот ја почувстуваа илјадници ученици – среде зима во студени училници, без греење и струја. За годинава од Буџетот на сметката на општините ќе завршат повеќе од 260 милиони евра – каде и како се трошат овие пари? Дали политиката или лошото менаџирање на локалните буџети ги замрзнаа учениците?

Кембриџ учебници, студени училници…

Не само неплатени сметки за струја и греење, дел од директорите во некои од училиштата во земјава изјавија дека долгови има и за искористена, а неплатена вода. Тука се и долговите за превоз на ученици. Според официјалните податоци на ЗЕЛС вкупниот долг на сите училишта за неплатени комуналии и превоз на ученици изнесува 16,2 милиони евра.

Комисијата за образование на одржаната седница заклучи дека не само што не можат да се платат заостаните сметки, туку не можат да се подмират ниту тековните.

„Постојано се акумулираат нови долгови во оваа област, а не се исплаќаат ниту старите на кои се таложат и каматите, поради што голем број на училишта се со блокирани сметки и не можат да обезбедат греење и превоз за учениците. Најизразени се состојбите во општината Струга и во општината Кичево, каде краткотрајно беше бојкотирана настават заради неможноста да се обезбеди греење на училниците.“ – оценија од Комисијата за образование.

Точно е дека со децентрализацијата локалната власт е таа која ги презема ингеренциите и грижата за училиштата, но заедно со долговите. Не може од една страна да зборуваме за кавалитет на образованието а од друга страна да не се обезбедат елементрани услови за работа, објаснува еден од поранешните министри за образование, универзитетскиот професор Ненад Новковски.

„Во поглед на основните трошоци за образование, за одржување, за комуналии потребни се средства, пари што ќе бидат доволни за да ги покријат овие трошоци, без разлика каков модел и начин на финанасирање се предвидува, дали на локално или централно ниво. Кај нас со блок дотации, Министерството за образовани им префрла пари на општините а тие пак ги сервисираат училиштата. Но еве праксата покажува дека износите не се доволни за да ги покријат реалните трошоци.“ – вели професорот Новковски и додава:

„Ние сега имаме една навидум голема економија со огромен број на нефункционални проекти финансирани со буџетски средства. Проблемите со кои се соочуваат училиштата се реални. Би рекол дека во големата слика, ние сега се луксузираме со непотребни проекти, а од друга страна крпиме дупки.“

Годинава од Буџетот на сметката на општините, односно единиците на локалната самоуправа ќе се префрлат вкупно 260 милиони евра. Од овие пари, најголем дел или 227 милиони евра се блок-дотации преку кои се сервисираат трошењата и во образованието, потоа 28 милиони евра се дотации по основ на ДДВ, а скоро 5 милиони евра се наменски дотации.

Во исто време од Буџетот за годинава ќе се потрошат 11,5 милиони евра под ставка “инвестиции во образованието“. Така, Владата планирала 3,8 милиони евра за изградба и реконструкција на основни и средни училишта, потоа скоро 7 милиони евра за изградба и реконструкција на спортски сали, а повеќе од 700 илајди евра за реконструкција и изградба на студентски домови.

Тешките финансиски проблеми со кои се соочуваат училиштата испливаа на површина среде зима – најпрво кога две училишта од Кичево останаа без нафта за греење, а потоа истото се случи и со струшките училишта. Неплатениот долг за струја од 81 000 евра беше причината зошто ЕВН во четвртокот ја секна и струјата, по што повеќе од пет илјади ученици следеа настава во студени и темни училници во Струга. Без греење останаа и уште 1200 ученици во Кичево. И едно училиште во Охрид поради неплатени сметки осамна без електрична енегија.

Градоначалникот на Струга, општина која е најзасегната со проблемот, исклучувањето на електричната енергија го нарече уцена.

Од ЕВН Македонија излегоа со краток коментар.

„Компанијата има ист третман кон сите потрошувачи без оглед дали се приватни фирми или институции и вината за исклучувањето не треба да се бара во ЕВН туку во неплаќањето на сметките“ – соопштија од ЕВН.

Додека од една страна од буџетот и натаму се трошат милионски суми за непродуктивни проекти, од друга страна сведоци сме дека образованието, односно училиштата немаат пари ниту за елементарните потреби, коментираат аналитичарите.

„Ќе посочам еден пример. Така, во буџетот за годинава, само преку владината Служба за општи и заеднички работи, за реконструкција на згради за владини органи и административни згради на државните органи ќе се потрошат скоро 26 милиони евра. Од друга страна за ставката инвестиции во образованието се планирани 11,5 милиони евра“ – објаснуваат експертите.

Сличен став има и професорот Новковски.

„Мора да се направи пресметка за тоа колку се реалните трошоци на образованието, односно на училиштата. Есапот дома и на пазар никогаш не се совпаѓа. Ова што сега се случува со неподмирените сметки за струја, парно се реални прблеми од кои најмногу страдаат учениците. Сведоци сме дека од друга страна се промовираат големи проекти, а нема пари за основните, елементарните работи. Кон решението треба да се пристапи сериозно, да се обрати внимание на овие суштински прашања и пред се, да се знае кои се приоритетите за финасирање со буџетски пари. Мора да се избирашат сите непродуктивни прокети, а парите да се насочат кон финасирање на елементарните потреби“.- вели професорот Новковски.

Според проценките на дел од градоначалниците, лошата финансиска состојба во општините, а со тоа и во училиштата дополнително ќе се влошува поради тоа што блок-дотациите од Владата на сметка на општините остануваат исти, а трошоците на општините ќе се зголемат поради растот на платите на наставниците, што ќе претставува дополнителен финансиски товар за општините. Дури од 70% до 90% од блок – дотациите завршуваат за плати на наставниците.

Извор: Порталб