Американските затвореници започнаа национален штрајк во протест поради „затворското ропство“

Затвореници од најмалку 17 држави низ САД започнаа еден од најголемите штрајкови во затвор во историјата на земјата.

Мирниот штрајк кој ќе трае две недели е во протест поради затворските услови, доживотните казни без право на условен отпуст и други грижи околу човековите права, соопштија организаторите, пренесува ББЦ.

Иницијатор на штрајкот е групата затвореници „Адвокати кои говорат“, која нуди правна помош во затворите.

Организаторите испратија вкупно 10 барања преку соопштение до јавноста, посочувајќи дека затворениците се „третираат како животни“.

„Затворите во Америка се воена зона. Секојдневно затворениците се повредувани поради условите во кои се затворени. За некои нас ситуацијата е веќе како да сме мртви, па што имаме да загубиме?“, стои во повикот.

Во соопштението тие повикаа на национален штрајк од 21 август до 9 септември, во кој затворениците треба да ги напуштат своите работни задолженија, а некои и да штрајкуваат со глад со цел да се сврти вниманието на ситуацијата во американски затвори.

Помеѓу барањата се подобрување на затворските услови и политики за поголема хуманост врз затворените мажи и жени, ставање крај „затворското ропство“ и плаќање на соодветни плати на затворениците, повлекување на доживотните казни без право на условен отпуст, стопирање на „расното казнување“ и поголем број на услуги за рехабилитација.

Затворениците можат да бидат казнети за занемарувањето на нивните задолженија за време на протестот.