Александра Јуруковска ќе ја промовира „Медиумскиот егзил на книжевноста во македонската култура“ во Струмица

Во џез клубот „ДЕПО“ во Струмица, во сабота (13 јули) од 20 часот ќе се одржи промоција на книгата од областа на медиумите и книжевноста „Медиумскиот егзил на книжевноста во македонската култура“ од м-р Александра Јуруковска.

Промотори на книгата ќе бидат проф. д-р Александар Прокопиев и поетот Митко Гогов.

Според Здружението за развој на културата и заштита на културното наследство „Контекст – Струмица“, книгата е компаративно-интермедијална анализа за третманот на книжевноста во неколку македонски медиуми.

„Истражувањата се насочени кон македонските состојби во контекст на светските тенденции, повремено споредени и со регионалните текови“, соопштува Здружението.

„Контекст – Струмица“ заедно со авторката предвидуваат во една неформална атмосфера интерактивна промоција во која секој од присутните може да се вклучи со сопствено видување, како и ангажман во она што претставуваат медиумите во денешно време, наспроти старите форми на издаваштво и нивната дигитализација.

„Меѓу прашањата кои ќе ја збогатат дискусијате ќе бидат: Дали културата е доволно застапена во медиумскиот простор? Се третира ли доволно современата македонска и светска култура/ книжевност на медиумите кај нас и воопшто како стоиме со глобалните стандарди? Го следи ли книжевноста развојот на технологиите и дали се адаптира на модерните текови? Колку е потребно да се биде дел од литературниот облак (cloud) на информации, се модернизира ли денешниот писател? Каде се медиумите во сето тоа, си ја вршат ли доследно работата?“, стои во најавата за настанот.

„Контекст – Струмица“ промоцијата ја реализира во соработка со општина Струмица и издавачката куќа Авант Прес од Скопје.