Албанската опозиција најави нови протести откако во саботата завршија тензично

Изминативе три месеци во Албанија секојдневно избувнуваат протести со кои граѓаните го повикуваат премиерот Еди Рама да се повлече од неговата наводна вмешаност во корупција и изборна измама. Демонстрантите бараат предвремени избори.

Насобраниот бес против него, исплива на површина во саботата кога илјадници демонстранти излегоа на улиците во главниот град Тирана, од кои некои фрлаа молотови коктели кон неговата канцеларија.

„Сакаме европска Албанија“ е слоганот кој често може да се слушне на протестите, но тој доаѓа уште од времето на продемократските демонстрации кога балканската земја го разурна комунизмот во 1990 година.

Лидерот на опозицијата, Љуљзим Баша, ги повика своите поддржувачи да не престанат со протестите додека Рама не се откаже од власта. Баша рече дека се „решени да продолжат со поголема и поцврста битка сé додека владата ја држи Албанија одвоена од Европа”.

Фото: АП

Во саботата протестите станаа насилни кога демонстранти прикриени со маски фрлаа молотови коктели и петарди кон влезот на владината зграда. Некои, исто така, користеле боја.

И полицајците и демонстрантите беа повредени во насилството.

Демонстрантите, исто така, фрлаа молотови коктели и кон зградата на парламентот, каде што полицијата одговори со солзавец и водени топови.

„Ние сме тука со мисија, да ја ослободиме Албанија од криминалот и корупцијата, да ја направиме Албанија како остатокот од Европа”, рече Баша пред насобраната јавност.

Неколку часа подоцна, толпата се префрли пред полициската станица во Тирана, во знак на протест поради апсењето на претставник на Демократската партија.

Европската унија и САД ја нарекоа актуелната влада легитимна, повикувајќи ја опозицијата да се врати во парламентот и да учествува на локалните избори на 30-ти јуни.

„Определената цел на опозицијата да ја зајакне албанската демократија е спротивно на насилството што во моментов го прават демонстрантите”, се вели во соопштението на Амбасадата на САД, осудувајќи го насилството и повикувајќи на воздржаност.

Рама ја нарече политиката на опозицијата „слепа”, велејќи дека е жално да слушне лидер на опозицијата кој ја моли неговата влада да се повлече. „Нивниот оган не ја повреди владата, туку земјата”, рече тој.