Актерот Matt LeBlanc, Joey од „Friends“ ќе биде водител на „Top Gear“

Американскиот актер Matt LeBlanc, најпознат по улогата на Joey во ситкомот „Friends“, ќе биде водител на новото издание на култната автомобилска емисија „Top Gear“, заедно со Chris Evans, објави BBC.

joeyLeBlanc веќе соработуваше со британската продукциска куќа на серијата „Episodes“, а своевремено беше и гостин во една епизода на „Top Gear“.

„Како некој што е луд по автомобили и голем обожавател на „Top Gear“, голема чест ми е и многу сум возбуден што ќе бидам дел од новото поглавје на оваа култна емисија. Каква возбуда!“, вели актерот.

Evans, кој го наследи местото на „водач на екипата“ по бурното разидување на BBC со поранешниот водител Jeremy Clarkson, сега изјавил дека со LeBlanc ќе ја има „работата од соништата“.

„Како и јас, Matt е долгогодишен заљубеник во автомобилите и возбуден сум што и се приклучува на екипата. Тоа што ќе можеме да ги доживееме најлудите замисли поврзани со автомобилите и патувањата заедно на екранот, е работа од соништата“, вели Evans.

Емисијата ќе почне со емитување во мај, а BBC најави дека наскоро ќе ги објави и имињата на другите луѓе кои ќе учествуваат во проектот. На промотивните фотографии засега се гледаат само LeBlanc, Evans и прочуениот Stig.