Акцијата „Облакодер“ и цртаниот „Хотел Трансилванија 3: Одморите почнуваат“ од утре во кино „Милениум“

Акцијата „Облакодер“ со Двејн Џонсон во главната улога и долгоочекуваниот анимиран филм „Хотел Трансилванија 3: Одморите почнуваат“ од утре (четврток, 12 јули) ќе почнат да се прикажуваат во кино „Милениум“ во Скопје. Дополнително, на репертоарот остануваат и новиот суперхеројски блокбастер „Ентмен и Осата“, комедијата „Ти бркаш!“ и цртаниот „Неверојатните 2“.

„Облакодер“ ќе се прикажува во ударниот термин од 20 часот и приказната е фокусирана на татко кој се обидува да стори сè за да го спаси своето семејство од запален облакодер. Покрај Двејн Џонсон во останатите улоги се појавуваат: Нив Кембел, Пабло Шрајбер, Ноа Тејлор и други. „Хотел Трансилванија 3: Одморите почнуваат“ во работните денови ќе биде на репертоарот во 15 часот додека во сабота и недела ќе игра во 13.30 Овој пат невообичаеното семејство тргнува на одмор каде грофот Дракула почнува и романтична врска. Гласовите во анимираниот филм ги позајмуваат: Адам Сендлер, Селена Гомез, Енди Самберг и други.

Блокбастерот „Ентмен и Осата“ може да го погледнете во терминот од 22 часот, а во ова остварување се појавуваат: Пол Рад, Евангелин Лили, Мајкл Пена, Мишел Фајфер, Мајкл Даглас и Лоренс Фишбурн. Додека Ентмен се обидува да го балансира својот живот како суперхерој и татко, Хоуп ван Дин и доктор Хенк Пим го водат во нова итна мисија каде што заедно со Осата одат во борба која ќе открие тајни од нивното минато. Комедијата „Ти бркаш“ се прикажува во 17.30 часот. Станува збор за група на поранешни соученици кои секоја година се собираат да ја играат детската игра „ти бркаш“ (Tag) поради која понекогаш се принудени да патуваат низ целата земја. Главните улоги ги толкуваат: Ед Хелмс, Џон Хем, Џејк Џонсон, Исла Фишер, Ханибал Бурс, Џереми Рајнер и други.

За викендот во 11 часот ќе игрa анимираниот филм „Неверојатните 2“ во кој семејството на суперхерои е ставено пред нов предизвик, но овој пат господинот Неверојатен ги чува децата додека Елен (Еластигрл) го спасува светот. Билетите за сите проекции во кино „Милениум“ чинат 150 денари.