Анализа за состојбите во Собранието, спроведување на договорот од Пржино и надминување на непријателствата преку воспоставување политички дијалог.
Ова се поентите на академик Владо Камбовски, кој денеска нагласи дека патот за идните реформски приоритети треба да биде зацртан и јасен. Односно, пат за брзи реформи по кој треба да помине Македонија „за да не се случи да дојде до промена на власта, а да не се промени системот, бидејќи последица на целиот тој систем беа на крајот од краиштата ваквите слчувања“.
„Се разбира дека во таквите напори да се совлада една таква огромна задача мора да се надминат внатрешните непријателства и да се отвори политички дијалог затоа што сите тие работи, се разбира, може само власта и опозицијата заедно да ги изведе потпирајќи се на домашната памет“, порача академик Камбовски.
Според него, до насилните настани во Собранието дојде бидејќи државата не се движи по колосекот на владење на правото и на доследно почитување на Уставот, кој, вели тој, прецизно го одредува траењето на конститутивната собраниска седница.
„Одредбите од Уставот, посебно член 63, се многу прецизни и одредуваат дека конститутивното собрание мора да биде свикано и завршено во рок од 21 ден од одржаните избори, бидејќи изборите беа регуларни, правични итн. Значи, конститутивното собрание мораше да се одржи и да се заврши со трите елементи, верификација за мандатите, избор на комисија за именување и избор на претседател, најдоцна 21 ден од одржаните избори. Уставот одредува и други рокови кои исто така мора стриктно да се почитуваат и тука не смее да има никакви импровизации“, нагласи Камбовски.