АИ: Правата на бегалците поважни од загриженоста за заштита на границите

Амнести интернешнал ги повика лидерите во Европската унија правата на бегалците да ги стават пред загриженоста за заштитата на границите на своите држави. Повикот на организацијата доаѓа еден ден пред германската канцеларка Ангела Меркел да разговара со турски официјални лица за планот на ЕУ со кој Турција ќе добие одредени олеснувања во замена за запирање на приливот на бегалци во држави од Унијата.

Тие олеснувања ќе се однесуваат на пакет помош, полесен пристап на граѓани да добијат визи за ЕУ и забрзување на преговорите за членство во ЕУ. АИ сметаат дека ЕУ треба да размислува за начините да понуди безбедни и легални рути за бегалците да стигнат до Европа.

„Договорот кој се заснова на задржување на бегалците во Турција суштински игнорира предизвици со кои тие таму се соочуваат како и очигледната потреба ЕУ да понуди заштита“, се додава во соопштението на организацијата.

Унгарија од синоќа на полноќ ја затвори својата граница со Хрватска за бегалците и мигрантите од Блискиот исток, додека официјален Загреб најави дека овие лица чија цел е во прв ред Германија, ќе ги пренасочи кон Словенија. Тие најчесто преку Турција и Грција доаѓаат кон Балканот, по што транзитираат низ Македонија и Србија за да стигнат кон развиените европски држави.

За четири месеци откако стапија на сила се измените во Законот за азил и привремена заштита, во земјава се издадени потврди на вкупно 149.018 странски државјани. Само во изминатото деноноќие во Македонија повтврди за влез добиле над 3 000 странски државјани, од кои најбројни се Сиријците, а потоа и жителите на Авганистан и Ирак.