Агенција за храна и ветеринарство: Да не се пие водата од чешмите во поплавените подрачја

За пиење, за подготовка на храна и за одржување на лична хигиена, да се користи само пакувана вода или вода за пиење од цистерни која ја доставуваат јавните водоснабдителни претпријатија, се вели во препораките на Агенцијата за храна и ветеринарство.

Тие ги советуваат граѓаните во поплавените подрачја да не користат резерви вода без претходно да ја превријат најмалку 15 минути, или водата да се хлорира на соодветен начин, или од стручно лице.

„Доколку водоснабдувањето се врши од индивидуални водоводни објекти, каде е видливо заматување на водата, истата да не се користи за пиење и за готвење, се до санирање на состојбата и до добивање на лабораториска потврда дека водата е безбедна.

Доколку водоснабдувањето се врши од индивидуални водоводни објекти каде нема видливи промени на водата, се препорачува да се изврши нејзина превентивна дезинфекција“, гласат дел од препораките на Агенцијата.

Од таму препорачуваат, граѓаните постојано да се информираат за водоснабдувањето и безбедноста на водата за пиење преку медиумите.

„Редовно да се одржува хигиената на рацете со сапун или средство за дезинфекција, особено по контактот со водата од поплавата или со предметите кои биле поплавени, особено по чистењето и пред подготовка на храна. Да се заштити готовата храна за да не дојде во контакт со водата од поплавата или со отпадните води. Целата храна која била во контакт со водата од поплавата, во поплавени фрижидери, замрзнувачи или подруми, да не се користи за исхрана, односно, се препорачува храната да се фрли. Да се дезинфицираат сите работни површини, како и приборот за готвење и јадење. Храната да се подготвува со безбедна вода и задолжително термички да се обработи на температура повисока од 70 степени Целзиусови. Подготвената храна да не се чува подолго од два часа на собна температура, односно таа треба да се чува на температура пониска од 10 степени Целзиусови. Да се избегнува контакт на сировата храна со термички обработената храна“, советуваат од Агенцијата.

Како дополнителни мерки, се и храната темелно термички да се обработи, особено храната од животинско потекло, додека овошјето и зеленчукот кое обично се користи сирово, дополнително да се измие во млака вода, да се исчисти, повторно да се измие и термички да се обработи. Малите деца се препорачува да се хранат со индустриски подготвена храна.

Во однос на заштитата на животните во поплавите, од Агенцијата за храна и ветеринарство велат дека без разлика дали се работи за домашен миленик или за домашни животни, сопствениците и одгледувачите имаат должност да бидат подготвени во случај на елементарна непогода и да водат сметка за заштитата и благосостојбата на животните.

„По поплавата, прво треба механички да се исчисти отпадот кој е надојден, да се изврши дезинфекција и дезинсекција. Животните се враќаат во одгледувалиштето кога објектите се безбедни, чисти и суви и по консултација и дозвола од надлежен ветеринар. Ветеринарот треба да ја провери здравствената состојба на животните. Доколку животните не може да се сместат во шталите на истите треба да им се обезбеди соодветно засолниште со суви и безбедни лежишта. Животните треба да имаат пристап до свежа вода и храна. Доколку се наиде на мртво животно треба да му се запише бројот на ушната маркица или идентификационата ознака. Лешевите од животните треба нештетно да се отстранат по претходна консултација со надлежните лица. Животните кои не се во добра здравствена состојба, кои очигледно патат и страдаат, во консултација со надлежен ветеринар треба да се убијат на хуман начин“, препорачува Агенцијата.

Тие велат дека животните треба да бидат обележани согласно Законот за идентификација и регистрација, односно говедата, овците и козите и свињите со ушни маркици, а доколку се работи за животни кои немаат идентификација, сопственикот може привремено да ги обележи за да можат да се идентификуваат во случај да се изгубат.

„Доколку има ограничен извор на вода, на животните дневно треба да им се обезбеди следната количина на вода (во зависност од возраста, големината и продукцијата на животните): говеда 30-50 литри, коњи 20-45, литри, свињи 4-12 литри, овци и кози 6 литри, живина 0.5 литри“, стои во препораките.

Од Агенцијата посочуваат дека одгледувачите треба да бидат во контакт со надлежниот ветеринар за давање совети, инструкции, а по потреба и за давање на ветеринарно медицинска грижа.

Невремето кое минатата вечер го зафати Скопје зад себе остави најмалку 15 жртви, потврди денеска МВР. До утринава во 8.30 часот примени се 22 повредени лица во скопските клиники, а пријавени се и шест исчезнати лица. Најпогодени места од поплавата се Арачиново, Сингелиќ и Стајковци, каде има и голем број повредени.