Аерозагадувањето веројатно го оштетува секој орган во човековото тело, вели нова студија

Нова сеопфатна студија покажува дека загадувањето на воздухот може да направи штета на секој орган и буквално секоја клетка во човековиот организам.

Истражувањето покажува дека штетата почнува од кардиоваскуларни и белодробни заболувања, преку дијабетес и деменција, до проблеми со црниот дроб, рак на мочниот меур, заболувања на коските и кожата. Студијата открива дека токсичниот воздух исто така влијае и на фертилитетот, фетусот и децата.

Систематската штета е резултат на загадувачите кои предизвикуваат воспаленија кои потоа се шират низ телото, како и преку малите честички кои се носат низ организмот преку крвотокот.

„Аерозагадувањето може да направи акутна и хронична штета, потенцијално влијаејќи на секој орган во телото. Многу малите честички поминуваат низ белите дробови и се преземаат од клетките, кои потоа се транспортираат низ крвта и влијаат буквално на сите клетки во телото“, заклучуваат научниците од Меѓународниот форум на респираторни здруженија чии истражувања се објавени во два посебни труда во списанието „Chest“.

Аерозагадувањето од Светската здравствена организација е прогласено за „вонредна состојба по јавното здравје“, бидејќи повеќе од 90% од светското население е изложено на загаден амбиентален воздух. Нова анализа покажува дека аерозагадувањето е виновник за 8,8 милиони смртни случаи секоја година. Сепак, влијанието на различните загадувачи останува недоволно проучена и сугерира дека познатите кардиоваскуларни и респираторни оштетувања се само мал сегмент од штетните влијанија кои ги предизвикуваат.

„Нема да бидам изненаден доколку секој орган трпи штета. Доколку нешто недостасува во студијата, тоа е веројатно поради тоа што не постои истражување на таа тема“, објаснува професорот Дин Шрауфнагел, од Универзитетот на Илионоис, кој го предводел истражувањето.

Повеќе информации за тоа како аерозагадувањето предизвикува штети на различните органи во човечкото тело, можете да погледнете во анимираниот инфографик на Гардијан.