Адо од „Пасворд продукција“: Очекуваме одлична посетеност на „Д фестивал“

Музичкиот фестивал кој започна како еднодневен настан во паркингот „Гранит“ во Дојран, годинава за првпат ќе се одржува три дена, со камп во најубавиот дел помеѓу Стар и Нов Дојран. Станува збор за „Д фестивал“ кој годинава ќе спои повеќе познати имиња од домашната и странската музичка сцена, а ќе трае од 17 до 19 јули.

Во студиото на Радио МОФ зборува Владимир Лазороски – Адо од „Пасворд продукција“ за подготовките на фестивалот, но и за новитетите на балканската и македонската музичка сцена под палката на „Пасворд продукција“.

Што се случува со „Д фестивал“? Како е предвидено да тече програмата?

Имаме мини јубилеј годинава. Назад низ годините, четирипати „Д фестивал“ се случуваше на паркингот „Гранит“ во Дојран, помеѓу Стар и Нов Дојран, каде што настапија „Sonique“, Stereo МСs“, балканските артисти како „Сарс“, „Дубиоза Колектив“, Кирил Џајковски, „Бернејс Пропаганда“, „Ареа“… и се тоа беше еднодневен настан кој си поминуваше супер секое лето. Имавме по 5-6 илјади луѓе, а годинава решивме да се распостелиме  на три дена. Ова е година каде што имаме целосна програма за три дена и имаме три сцени. На 16-ти ќе ги отвориме вратите за камперите.

Колкава ќе биде оддалеченоста на сцените?

Има пешачка патека помеѓу главната сцена и кампот. Тука сме на едно место. Очекуваме да го наполниме Дојран и очекуваме многу гости, не само од Македонија, бидејќи во близина се и Бугарија, Грција. Се надеваме дека ќе го направиме регионален фестивал. Главната сцена ќе функционира од 20 часот, па се до 3 наутро.

Каков е досегашниот одзив со продажбата на билетите?

Тешко е да се предвиди колку луѓе ќе се појават на фестивалот, но според првичните проценки и според првата продажба очекуваме одлична посетеност.

Во продолжение, слушнете го целиот разговор на Николај Митрески со Владимир Лазаровски – Адо од „Пасворд продукција“.

[Interview] Ado (Password Production) @ Radio MOF by Radio Mof Music on Mixcloud