Под слоганот „Се гледаме од другата страна“ од 3 до 10 декември се случува 24. „Cinedays“ – Фестивал на европски филм.
Осумте селекции, повеќе од 60 филмови, кои ја одбележаа тековната европската филмска година и врвна работилница „Маркетинг на филм“, се фактографски белег на годинешниот „Cinedays“.
„Оваа година публика не ја водиме на филмско патување туку ја водиме низ премин. Типично за Дејвид Линч, на кого му го посветуваме ова издание, надреално, сонувачки, убаво и контрастно. Тој премин и покрај сé, е богат со најновите и најнаградуваните филмови. Свесни сме дека земја како Македонија, со мал продукциски импакт, филмот се докажа како најголем амбасадор и за да можат да виреат такви креативци, но и на така префинета публика должни сме да и го дадеме најдоброто што знаеме да го правиме, а тоа е фестивал пред сé“, вели Маргарита Арсова, програмски координатор на „Cinedays“.
Два филма се на почетокот на фестивалот, „Тоа беше само несреќа“ во режија на Џафар Панахи, добитник на наградата Златна Палма на Канскиот фестивал и „Човек лавина“ на Слободанка Рудин, филм за еден од најдобрите музичари и тапанари во поранешна Југославија, Драгољуб Ѓуриќиќ.

Постер за „Тоа беше само несреќа“, извор: Impawards
„Ова издание на ‘Cinedays’ ги носи и ‘Тајниот агент’ на Мендонса Фило, ‘Домот на младата мајка’ на браќата Дарден, и двата номинирани за Златна Палма, ‘Татко Мајка Сестра Брат’ на Џим Џармуш кој е добитник на наградата Златен лав во Венеција и досега не е прикажан во кината во Европа, потоа филмови во кои македонските филмски екипи се копродуценти, како ‘Оче наш’ на Горан Станковиќ, ‘Ера’ на Парта Келменди, ‘Павиљон’ на Дино Мустафиќ…. А ќе гледаме и филмови на Сорентино, Парк Чан-Вок. Особено сме благодарни што годинава и ‘МакеДокс’ ни се придружува со своја селекција, победници од нивниот фестивал. Многу гости, музика и филмски завршеток на годинава за МКЦ“, дополнува Арсова.
- „Без избор“
- „Тајниот агент“
- „Татко Мајка Сестра Брат“
- „Домот на младата мајка“
- „Нов бран“
- „Амрун“
Селектор на програмата на 24-от „Cinedays“ е Бернд Будер и годинава ќе се прикажуваат филмовите структурирани во повеќе селекции: Официјална селекција, Гала програма, МК во ЕУ, МК премиери на кратки филмови, музички документарци, SEE програма, селекција на Дејвид Линч и „МакеДокс“.
Жири комисијата во состав Сара Климовска – актерка, Северна Македонија, Арсен Оремовиќ – режисер, Хрватска и Алеш Павлин – режисер. Словенија ќе одлучува за филмовите во Официјална конкуренција, а Ана Опачиќ – режисерка, Хрватска, Фатос Бериша – режисер, Албанија и Јасмина Карајловиќ – продуцентка, Црна Гора за филмовите во СЕЕ програма.
На 4 и 5 декември во клубот МКЦ, во рамките на СинеМјузик вечерите има специјална селекција од десетина млади европски бендови, поддржани од Лајвјуроп програмата. Влезот за концертите е бесплатен.
Фестивалот ќе се случува во просториите на МКЦ, во кино Фросина и Дансинг салата 25 мај. Исто така дел од програмата е во Кинотека.
Билетите за овогодишното издание на „Cinedays“ ќе бидат по цена од 200 денари, за сите филмови, а може да купат онлајн, преку bileti.mkc.mk (организаторот препорачува онлајн-продажба), како и на самиот влез на МКЦ.
Фестивалот во најголем дел е поддржан од Агенцијата за филм. Останати финансиски покровители се Градот Скопје, Делегацијата на ЕУ преку програмата за поддршка на европски филмски фестивали, како и мрежата Лајвјуроп.
Повеќе инфо на https://cinedays.mk/









