„Маалски фестивал 4.0“ во духот на солидарноста и соседството

КСП Центар-Јадро од денес (четврток, 25 септември), па до сабота (27 септември) ќе го организира „Маалски фестивал 4.0“.

Настаните ќе се одвиваат на повеќе локации во општина центар, односно во Центар – Јадро, Парк на Франкофонија, Боемска 2 и Природонаучниот музеј.

Како што нагласува организаторот, овогодинешниот фестивал е во духот на солидарноста и соседството.

„И оваа година ве покануваме на ‘Маалски фестивал’ за заеднички да ги запоседнеме маалските улици и да ги исполниме со убавина која недостасува. Ајде сите на креативен дијалог, на раскажување стари приказни и креирање нови. Време е да ги шараме нашите улици со спомени и уметност. Како и секогаш, фестивалот останува верен на својата мисија, да создава простор за колективно обликување на културата, дружење, заедничко учење и забава“, велат од Центар-Јадро.

Денес, четврток 25 септември, од 12 до 16 часот ќе се одржат „Приказни од Природнонаучен“. Се работи за детска работилница за креативно пишување со Марија Бошковска, во соработка со ООУ „Јохан Хајнрих Песталоци“.

„Дали некогаш сте сонувале да поминете една ноќ во Природнонаучниот музеј?“, стои во најавата за настанот.

„За време на работилницата ќе го истражуваме музејот, ќе читаме песни за животни, ќе откриеме кои се животните за кои ние сакаме да пишуваме, а на крај ќе направиме и изложба од нашите новонапишани приказни“, дополнува организаторот.

Воедно, истовремено од 12 до 16 часот ќе се одржува и веќе традиционалната  „Работилница за изработка за све и свашта во маало“. Кај Мобилната галерија во Паркот на франкофонијата ќе има изработка и поправка на урбана опрема + поправка на велосипеди со Никола Писарев и Озбек Ајваз

„Оваа работилница е вистинска прилика да ги засукате ракавите и да го разубавите маалото под слоганот ‘старо купувам, ново создавам’“, нагласуваат од Центар-Јадро.

Во пладне, па докај 15 часот ќе се одржува и „Dreamer“ – Промоција на колекција на накит на Елена Ристовска во Центар – Јадро

„Ова мало изненадување, промоција на колекцијата накит од соништата, ви го спремивме во соработка со Елена Ристовска. Ексклузивно на ‘Маалски фестивал’ ќе можете да ја погледнете нејзината мини колекција составена од 5 ланчиња изработени од месинг и емајл – ‘Сонувач / Dreamer’“, велат организаторите.

„Обоени приказни“ се предвидени од 13 до 17 часот. Како што објаснуваат од Центар-Јадро, ова ќе биде повеќегенерациска работилница за изработка на мурал со Зорица Зафировска.

„Работилницата ја воведуваме првпат оваа година и има за цел да ги вклучи сите желни и надежни уметници и аматери да вмешаат прсти во колективно уметничко дело кое ќе го краси ѕидот на Јадро цела година. Не заборавајте да понесете удобна облека, ентузијазам и креативност, останатото е лесно кога ја имате Зорица како ментор“, се вели во најавата.

„Само сними“ се вика работилницата со Јане Алтипармаков за аматерски филм, која ќе се одржува од 16 до 19 часот, и со неа ќе биде заокружен првиот ден на „Маалски“.

„Во интимна и поттикнувачка атмосфера, фокусирана на акција, наместо на теорија, учесниците ќе ги научат основите на документарниот филм, ќе формираат мали тимови и ќе излезат во околината на Јадро за да создадат сопствени проекти“, стои за настанот во Центар-Јадро.

Вториот ден, петок 27 септември, е всушност денот кога официјално ќе биде отворен „Маалски фестивал 4.0“.

„Како би изгледал светот кога би бил направен од картони?“, стои како прашање за првиот настан „Животински костим – Чувари на природата“, што ќе започне стандардно на пладне и ќе трае до 16 часот.

Тоа ќе биде детска работилница за изработка на костими од картон со Доротеј Нешковски, во соработка со ООУ „Коле Неделковски“ и Општина Центар.

„Преку игра и работа ќе истражуваме како се прават маски и костими користејќи едноставни материјали. Главна тема ни се животните и нивните царства. Ќе разговараме за загрозените видови, а потоа индивидуално и тимски ќе боиме и кроиме костими. Ииии црешата на шлагот… оваа шарена авантура ќе ја завршиме со мини- изложба и модна парада на која ќе ви покажеме што сѐ сме создале!“, стои во најавата.

Наредно, од 15:30- 16 часот следи презентација на работилниците: „Животински костим – Чувари на природатa“ и „Приказни од Природнонауче“, исто така во школото „Коле Неделковски“.

Официјалното отворање на фестивалот и претставување на новиот мурал на фасадата на Центар – Јадро од авторка Христина Иваноска е предвидено во 20 часот.

„Уште на самиот влез, традиционално очекувајте да ве дочека нов мурал, кој оваа година го доверивме во вештите раце на уметницата Христина Иваноска. Оваа година, преку муралот, фокусот се става на значењето и важноста на независната културна сцена, пред сè преку работата на ЈАДРО – Асоцијација на независната културна сцена, основана во 2012 г., која заедно со Општина Центар е ко-основачка на КСП Центар – Јадро“, посочува организагорот.

Во Центар-Јадро од 20:30 часот ќе има изложба и презентација на Франциска Клозе и Остен Фестивал од Битерфелд-Волфен од Германија.

Час потоа, терминот од 21:30 часот е резервиран за концертот на „Калико“, како хуманитаре настап за поддршка на на Кочани.

„Петочната журка ја започнуваме со Ана, Леон, Горазд и Аце кои го сочинуваат ‘Калико’, односно 4 мачки кои прават музика која може да се опише како весел, психоделичен алтернативен блуз-рок. Темелот на запознавањето беше во Кашмир, Скопје, Македонија, Европа, планетата Земја“, стои во најавата.

По нив, од 22:30 часот ќе биде концертот на „Корка“, исто така хуманитарна свирка.

„Ова не е концерт за почетници! Ова е енергично музичко искуство кое ќе ве втурне во свет со изразена DIY естетика, мрачна атмосфера и текстови што се движат од апсурд до социјален коментар. Во петок, облечете ги чевлите за правење врева и дојдете да ги слушаме Корка! Гласен петчлен бенд од Кочани, кој инкорпорира множество елементи од дисонантниот нојз рок од 90-тите и бурната алтернативна рок сцена. Концертите, како и целосната фестивалска програма, имаат хуманитарен карактер. Не заборавајте да ја побарате кутијата за донации и да донирате. Сите средства собрани за време на фестивалските денови ќе бидат доставени до иницијативата SUPPORT KOCANI“, нагласува организаторот.

Последниот ден на „Маалски фестивал“, сабота 27 септември, започнува од 11 часот со  Маалски базар на артизани и мал саем на книги. Настанот ќе се одржува во ТЦ „Буњаковец“, во премините помеѓу аптеката „Виола“ и кај Стопанска Банка.

Од 12 -14 часот во „Буњаковец“ е предвидена работилница за изработка на накит со Ивана Стеваноска, а меѓу 10 – 18 часот ќе има работилница за културен менаџмент со Виолетна Качакова и Роберт Алаѓозовски. Вториот настан е предвиден во Центар – Јадро.

Следно, од пладне докај 15 часот е најавена работилница за изработка на чуднозвучни инструменти со Владимир Лукаш, во „Буњаковец“ на истата локација.

Таму ќе се одвива и традиционалното „Раскажување на Маалски приказни“, меѓу 13 и 15 часот, по што веднаш ќе започне концерт на малиот оркестар „Чуднозвучни инструменти“.

На стартот на вечерта, од 19 часот во Центар-Јадро е најавен „KRIEG / A-C-I-N-S-E-L-A-K“ – експериментален видео-театарски диптих. Вечерта таму продолжува во 21:30 часот со филмсни проекции од работилницата „Само Сними“, филмови од фестивалот „Ѕирни“ плус анимации на Ема Зафировска.

За крај од 22:30 часот е предвиден концерт на младиот состав „Големата вода“, како и диџеј сет на Боријан.

Бојан Шашевски