Помалку пари за учениците, студентите и наука, а повеќе за плати – Што предвидува Предлог буџетот за 2023 [Инфографик]

Големи кратења кај ученичкиот и студентскиот стандард, намалување на средствата за инвестиции во образованието и преполовување на парите предвидени за наука се предвидуваат со Предлог буџетот за 2023 година, кој беше усвоен од Владата на Северна Македонија.

Буџетот на Министерството за образование и наука (МОН) треба да се зголеми за 2,16 милијарди денари, односно околу 8,4% во споредба со Ребалансот на буџетот од годинава. Најголем дел од ова зголемување отпаѓа на ставките за плати, а најголем дел од ставките за развој и инвестиции забележуваат намалување.

Нешто преку 2 милијарди денари повеќе се предвидени за ставката децентрализација, каде во најголем дел спаѓаат платите и надоместоците за вработените во основните и средните училишта. Дополнително, се зголемуваат буџетите на сите државни универзитети (2 проценти за УКИМ и УГД, 7% за УКЛО и Универзитетот во Тетово и 16% и 22% зголемување на буџетите на Универзитетот „Мајка Тереза“ и УИНТ во Охрид), но ова зголемување доминантно отпаѓа на раст на ставките за плати. Следната година предвидено е да се издвојат околу 20 милиони денари повеќе за изградба на зградите на ФИНКИ и Факултетот за физичка култура во кампусот на УКИМ.

Намалувања, пак, следната година се предвидени кај ставките за студентски стандард (181 милион денари помалку), наука (144 милиони денари помалку), инвестиции во образование (речиси 100 милиони денари помалку) и ученички стандард (52 милиони денари помалку).

Кај ученичкиот и студентскиот стандард во најголем дел се од ставката „субвенции и трансфери“ како и од ставката „капитални расходи“. Во делот на науката се кратат 141 милион денари од ставката „научно истражувачка работа“, а нешто преку 4 милиони денари се намалува и буџетот на научните институти.

Зголемување од 174 милиони денари има на делот од буџетот за основно образование, каде се предвидуваат 50 милиони денари повеќе за плати, 20 милиони денари повеќе за проекти во основното образование и 105 милиони денари повеќе за инклузивно образование.

Расте и буџетот за делот од буџетот за средно образование (109 милиони денари). Во него, иако драстично е намален буџетот за проекти во средното образование (101 милиони денари), расте буџетот за плати (73 милиони денари) и регионалните центри за стручно образование и обука (111 милиони денари повеќе).

Во делот инвестиции во образованието најголемото намалување се забележува во ставката реконструкција на основни училишта (51 милион денари помалку) и во ставката изградба на спортски сали во основни училишта (33 милиони денари помалку). Единствена ставка со позначителен раст на буџетот е реконструкција на ученички домови, каде се предвидуваат речиси 9 милиони денари повеќе од годинава.

Дополнително, предложениот буџет предвидува и намалување на средствата за млади од Агенцијата за млади и спорт во износ од 1,7 милиони денари. Но, доколку буџетот за следната година се спореди со првичниот Буџет за 2022 година, средствата наменети за младите за една година се скратени за 10,4 милиони денари.

Предлог буџетот за 2023 година во следниот период треба да биде разгледуван од Собранието на Северна Македонија, каде пратениците треба да решат како ќе изгледаат трошењата на јавните пари за следната година.

Даниел Евросимоски