Членовите на Друштвото на ликовни уметници вечерва во 20 часот во Национална галерија (Мала станица) традиционално ќе ја одржат годишната изложба. Со свои дела се приклучија вкупно 73 автори
„Несомнено дека годишните или ревијалните изложби на македонските ликовни уметници отсекогаш претставува голем културен настан во нашата средина. Затоа тие изложби се значајна состојка од летописот на нашата ликовна уметност. Еден аргумент е непобитен: дека нема македонски ликовен уметник кој не учествувал на тие ревијални изложби, почнувајќи од првата таква изложба во далечната 1945 година, па се до денес. Друштвото за да ја задоволи желбата на сите членови еднаш годишно да ги изложат своите дела на заеднички настап, без критериумот на селективност ја организира оваа ревијална изложба. Впрочем, на тој начин се враќа една убава пракса, кога секој уметник, член на ДЛУМ всушност станува арбитар за себеси, а истовремено ја превзема и целата одговорност и ризик на излагањето. Тоа секако ја зголемува самокритичноста, таа врвна доблест на старите мајстори“, велат од Друштвото.