36 нови Википедија статии на македонски преку првиот уредувачки маратон ВикиЛига

Вкупно 36 нови Википедија статии на македонски јазик, посветени на германската книжевност, беа креирани на првиот од серијата уредувачки маратони ВикиЛига, кој го организираат Википедија на македонски јазик во соработка со Гете институтот во Скопје.

Проектот има за цел да ги доближи содржините поврзани со германската култура до македонските читатели преку нивниот превод од Википедија на германски на Википедија на македонски јазик. Проектот се состои од четири шестчасовни уредувачки маратони со обука за уредување на Википедија и четири последователни тринеделни натпревари за уредување на теми: германска литература, германски филм, германска музика и светско наследство во Германија.

Настанот овој викенд, се одржа на 30-ти март во 10 часот во електронската предавална на Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ во Скопје каде 12 учесници уредуваа во период шест часа се до 16 часот. Сите присутни, кои беа со различни професионални и образовни профили, беа запознаени со двата главни начини на уредување преку изворниот-кодирачки и нагледниот-визуелен уредувач и алатката за превод.

По почетната обука, сите учесници избираа од список на понудени теми кои недостасуваат на Википедија на македонски јазик сочинета од листа од 100 теми поделени во три главни групи за: 1) германски писатели, романсиери, поети и автори, 2) книжевни дела како книги, драми, песни, романи, поеми и 3 ) Книжевни правци, жанрови, групи, настани (саеми на книгата).

Темата на германската книжевност ќе остане отворена за уредување за учесниците во следните 20 дена, до следниот втор уредувачки настан посветен на германскиот филм кој е закажан за 20 април.