2.000 смртни случаи на бегалци поврзани со нелегалните одбивања од границите на ЕУ

Членките на Европската Унија (ЕУ) користеле нелегални активности за да одбијат најмалку 40.000 баратели на азил од границите на Унијата за време на пандемијата, што довело до смрт на повеќе од 2.000 лица, открива анализа на британскиот весник Гардијан.

Во едно од најголемите масовни протерувања со децении европските држави, помогнати од граничната агенција на ЕУ, Фронтекс, систематски ги одбивале бегалците, меѓу кои имало и деца кои бегале од војни, користејќи тактики кои се движеле од напади до брутални приведувања и транспортирања.

Анализата на Гардијан се заснова на извештаи од агенции на Обединетите Нации комбинирани со податоци за инциденти собрани од невладини организации. Според невладините, по појавата на Ковид-19, редовноста и бруталноста на одбивањата се засилиле.

Овие информации доаѓаат во време кога европското регулаторно тело „Олаф“ покрена истрага за Фронтекс за обвиненијата за малтретирање, нелегални активности и неправилности со цел да се спречат барателите на азил да стигнат до територијата на ЕУ земјите.

Според Меѓународната организација за миграции, во 2020 година скоро 100 илјади имигранти стигнале во Европа по копнен или морски пат, споредено со скоро 130 илјади во 2019 година и 190 илјади во 2017 година.

Целосната анализа може да ја прочитате на сајтот на Гардијан.