Концерт на „Fire!“ вечерва во МКЦ

Со концерт на шведско експериментално џез трио „Fire!“ во Младинскиот културен центар во Скопје, вечерва (15 декември) официјално ќе биде затворено 43-тото издание на Младинскиот отворен театар МОТ. Вечерта ќе ја отвори скопското трио Светлост. Влезот е слободен.

„Fire!“ е шведско експериментално џез трио, формирано 2009 година од Матс Густафсон (саксофон), Јохан Бертлинг (бас) и Андреас Верлин (удиралки). Музиката на групата е стилски вкоренета во слободниот џез, психоделичен рок и „noise“.

Зад себе имаат 5 самостојни LP изданија и две колаборативни (со Џим О’Рурк и Орен Амбарчи). Во 2013 година го стартуваат проектот „Fire!Orchestra“, каде низ три албумски изданија продефилираат педесетина различни музичари, главно од скандинавската џез сцена.

Овие искусни музичари во своето резиме вклучуваат состави како „The Thing“, „Nu-Ensemble“, „Angles 9“ и бројни соработки со артисти како „Zu“,„ Sonic Youth“, „The Ex“, Кен Вандермарк, Дерек Бејли, Еван Паркер…

СВЕТЛОСТ е скопско трио кое дебитира на концертната сцена пред една година. Составен е од Нинослав Спировски (кларинет/саксофон), Кристијан Новковски (удиралки) и Дени Омерагиќ (контрабас/бас гитара/електроника).

Музиката на овој состав најчесто е информирана од стилски правци како слободен џез, пост-рок, електро-акустична музика, минимализам и амбиентална музика. Во моментов паралелно работат на неколку групи на композиции, кои ќе дебитираат дискографски во 2019 година.