17 партии потпишаа заложба за приоритетно носење на законот против дискриминација

Вкупно 17 политички партии ја потпишаа Декларацијата за приоритетно донесување на Законот за спречување и заштита од дискриминација, соопштија од Мрежата за заштита од дискриминација.

Непосредно пред предвремените парламентарни избори, девет мрежи на здруженија на граѓани, кои заедно бројат повеќе од 100 здуженија, испратија барање до сите политички партии кои учествуваат на предвремените парламентарни избори, за поддршка на оваа Декларација. Законот, кој беше донесен кон средината на 2019 година, беше укинат од Уставниот суд на Република Северна Македонија поради прекршени процедури бидејќи законот Собранието го изгласал со просто, наместо со апсолутно мнозинство како што требало според Уставот и законите.

Политичките партии кои стојат како потписници на оваа Декларација се: Алијанса за Албанците, ВМРО-ДПМНЕ, Глас за Македонијa, ДЕМОКРАТИ, Демократски сојуз (ДС), Зелена партија Демократска обнова на Македонија (ДОМ)Либерално демократска партија (ЛДП)Нова социјалдемократска партија (НСДП)Обединета партија за еднаквост на Ромите (ОПЕР)Партијата за движење на Турците (ТХП), Партија за демократски просперитет на Ромите (ПДПР), Партија за економски промени 21 (ПЕП21), Партија на пензионери (ПП), Партија за целосна еманципација на Ромите (ПЦЕР), Сојуз на Ромите на Македонија, Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ) и Твоја партија.

„Од една страна сме задоволни што голем број политички партии ја поддржаа декларацијата. Помеѓу партиите поддржувачки има политички партии со различна идеолошка позадина, различна големина, моќ и искуство во законодавниот дом. Но, од друга страна, за жал, после 10 години од донесувањето на првиот Закон за спречување и заштита од дискриминација сѐ уште има партии кои не ја поддржуваат нашата борба за поеднакво општество без дискриминација. Еднаквоста на граѓаните не е прашање на политичка волја, туку претставува уставна обврска за сите пратеници и за секоја влада, и предуслов за напредок, демократија и благосостојба. Унапредувањето на состојбите во земјата на кое било поле нема да ги даде посакуваните резултати доколку сите граѓани без разлика на различностите не можат да пристапат и под еднакви услови да ги уживаат правата, услугите и можностите“, соопштија од Мрежата за заштита од дискриминација.

Тие уште еднаш упатија апел до идниот состав на Собранието веднаш да го донесе новиот Закон за спречување и заштита од дискрминација и најавија дека активно и будно ќе ги потсетуваат на оваа обврска и на ова ветување.