14 тајландски студенти уапсени по мирни демонстрации против воениот режим

14 тајландски студенти беа уапсени минатата недела откако мирно протестираа пред владината зграда на Тајланд. Овој случај покрена политички тензии во земјата, која од мај минатата година е под управа на воениот режим. На студентите утре им престои соочување со воениот суд и покрај големиот број на апели обвиненијата да бидат повлечени.

Тие се уапсени врз основа на законот за вонредна состојба, според кој, во Тајланд се забранети собири на јавно место во кои учествуваат повеќе од пет лица. Со мирните демонстрации во Бангкок студентите сакаа да повикаат за крај на воената власт.

Уапсените студенти во петокот беа изведени на испитување пред полицијата, но поголем дел од нив одбиле да одговараат на истражителите, изјавувајќи дека не им е јасно за што се обвинети.

Повеќето се пожалиле и на условите во кои полицијата ги испитувала и побарале да им се овозможи да бидат сместени во заедничка просторија, за да можат да ја договорат одбраната.

Апсењето на студентите предизвика низа протести на меѓународните организации за човекови права, а американскиот Стејт департмент официјално го потсети сегашниот армиско-политички врв дека Тајланд е потписник на меѓународните конвенции за заштита на човековите и политичките права.

Вчера, група од 78 угледни адвокати и претставници на локални хуманитарни организации испратија барање до водачот на воениот удар, генералот Прајут Кан-ока, да нареди ослободување на студентите.

Генералот Прајут, кој сега ја има фнкцијата преоден премиер, кусо одговори дека ги разбира барањата, но дека „законот е закон“.

Во петокот, голем број луѓе на импровизиран ѕид во Бангкок испишаа пораки за поддршка на студентите со пораки како #Free the 14“.

Минатата недела апел за ослободување на студентите испратија и Обединетите Нации и Европската Унија, но премиерот Прајут Кан-ока изјави дека нема да потклекне на меѓународниот притисок.