10.000 Арапи сакаат да студираат во Србија

Дури 10.000 студенти од најразвиените земји од арапскиот свет би можеле од идната година да студираат во Србија, изјави српскиот министер за образование Томислав Јовановиќ. 

Според неговите зборови, родители, членови на угледна фондација формирана од најбогатите земји на Блискиот исток, испратиле писмо со намери до српската влада, во кое се вели дека тие ја одбрале Србија како академска дестинација за 10.000 студенти. Доколку ова се оствари, бројот на странски студенти во Србија би се зголемил за десетпати – според податоците на Министерството за образование, во земјата сега има околу 1000 студенти-странци. Министерот Јовановиќ вели дека користа за земјата би била повеќекратна.

10.000 Арапи сакаат да студираат во Србија

 

„Ова е огромен број на студенти и во исто време голем предизвик за нашите универзитети. Планирам следната недела да одржам состаноци во владата, затоа што во интерес на целата земја е да донесеме што поголем број странци во нашето школство“, изјавил Јовановиќ.

На новинарско прашање зошто одеднаш се случува толкав интерес за српското високо образование, министерот одговорил дека се поклопиле неколку фактори, од кои најважно е рангирањето на Универзитетот во Белград на Шангајската листа.

Во 60-те години, како дел од соработката во Движењето на неврзаните и добрите односи на Југославија со земјите од арапскиот свет, имало значајна размена во образованието. Се проценува дека во периодот 0д 1960 до 1990, во Југославија постојано учеле околу 10.000 странски студенти, главно од Блискиот исток и од Африка. Поголемиот дел од нив студирале во Белград, пред да дипломираат и се вратат да учествуваат во изградбата и развојот на своите земји. Оваа ситуација се промени во 90-те, кога поради војните, санкциите и кризата, бројот на странски студенти во Србија драстично се намали.

Српските медиуми коментираат дека ако се земе предвид дека повеќето факултети немаат настава на англиски јазик за основни студии и дека капацитетите за сместување се мали и за сегашните студенти, прашање е дали Србија воопшто е спремна за толкав број странци.

Извор