Анима мунди ги „спаси“ петлите од Железара

Тргната е дисциплина „бркање петел“ од програмата на „Спортските игри во Железара“, соопшти организацијата за заштита на животните Анима мунди. Промената во програмата на тридневниот настан, организиран од КФМ Железарец, доаѓа по реакцијата на Анима мунди кои алармираа дека ваквата активност е мачење на животните, а не спортска игра.

„По реакцијата на Анима мунди должни сме да ве информираме дека по повеќе телефонски разговори со организаторот на „Спортските игри во Железара“ како и претставници на КФМ Железарец сме уверени дека никаква дисциплина бркање петел, точка со мачење на животно нема да има за време на тридневниот спорстки настан“, соопштија од здружението за заштита на животни.

Во одговорот на КФМ Железарец до Анима мунди за активноста „бркање петли“ ставена на нивниот флаер, велат дека е технички превид за кој се извинуваат.

„Дисциплината бркање на петел е организирана само еднаш во 2010 година, односно првиот турнир. Сликите кои се искочени во јавноста се од првиот турнир (прикачени и во 2011 година). Ние грешката ја соочивме уште првата година и затоа таа дисциплина ја исфрливме од нашата програма за турнирот. Флаерите кои се закачени за оваа година ќе ги отстраниме од јавните места во населбата и Ви ветуваме дека дисциплини кои ги загрозуваат животните нема да бидат дел од нашата програма“, стои во одговорот на КФМ Железарец до Анима мунди.