Анима мунди бара да се откаже бркањето петли на спортски настан во Железара

Бркањето петли – активност која е најавена во рамки на спортските игри во Железара, треба да се откаже бидејќи се мачат животните, бараат од здружението Анима мунди.

За нив е незамисливо тоа што игрите организирани од КФМ Железарец, покрај настаните како влечење јаже, хулахоп, пинг понг, пеење, тенис, на летокот имаат дисциплина – бркање петел.

„Бркање петли можеби се третирало како спортска активност во средниот век, но сега не е , и не смее да биде – поточно тој претставува чин на насилство врз животните, изживување, предизвикување страв и траума на животните и е казниво и со Законот за заштита на животни, како и Кривичниот закон на РМ. Срамно и неприфатливо е да ваквиот акт се доживува како нормален и забавен, спортски, а уште поскандалозно е да се пласира како нормален меѓу децата, кои треба да го бркаат до изнемоштеност и фатат несреќното животно. Петлите се птици и не е потребно многу ум за да се свати дека за нив бркањето од толпа предизвикува силен страв од кој може во миг да умрат, а кубањето (ловењето, насилното фаќање) не е нишо друго туку предизвикување непотребна физичка болка“, објаснуваат од организацијата.

Тие ги повикуваат организаторите на игрите веднаш да се оградат од најавената активност бидејќи спортот треба да биде натпревар помеѓу рамноправни, доброволно пријавени (учесници), а не за изживување кон послабите и оние кои зависат од човековата милост.

„Децата не смеат да бидат учени, подучувани да гледаат на насилството нормално, туку треба да знаат дека животните како и ние чувствуваат, дека никако не смеат да повредат животно. Да се учат исклучиво на хуманост и сочувствителност зошто само така ќе пораснат во здрави и одговорни индивидуи кои општеството ќе го носат напред“, додаваат од здружението.

Доколку ваквата активност не биде откажана, од Анима мунди информираат дека ќе ги покренат сите правни механизми против организаторите, а по основ на Законот за заштита и благосостојба на животните.