Донесен во 2020 година, Законот за младинско учество и младински политики, или познат како Закон за млади, требаше младите да ги направи поактивни и поангажирани во своите средини на живеење. Преку обврски на институциите, да им понуди сервиси и простори за да се собираат и одлучуваат за своите потреби, било да се тоа за култура, образование или социјализација. Сепак, пет години подоцна, не само што Законот за млади бавно се спроведува, туку во делови има и назадување во 2024 година. Национално собрание на млади, следствено и Национално советодавно тело за младински политики сè уште не се формирани, а локални младински совети има само во 28 општини, што е 34% од цела Македонија. Тоа, пак, е за 7% или 6 општини помалку во споредба со состојбата на почетокот на ланската година. Дополнително, само 9 општини имаат Младински центри кои работат во соработка со младински форми на организирање.
Национален младински совет на Македонија (НМСМ) објави нов извештај за имплементација на Законот за млади од 1 јануари до 31 декември 2024 година.
„Се забележува пад на имплементацијата на механизмите и сервисите на млади. Дополнително извештајот покажува дека е зголемено нивото на разбирање на законските одредби од страна на општините. На национално ниво, иако има напредок преку воспоставувањето на Истражувачкиот центар (Одделение за истражувања од областа на младите во рамки на Сектор млади во Министерството за социјална политика, демографија и млади), сепак недостасува усогласување на законските одредби со новата поставеност на државниот апарат и усвојување на сите релевантни подзаконски акти“, соопштуваат од НМСМ.
Во поглед на Локалните младински совети, тие се замислени како советодавни тела во општините составени од млади, за да се обезбедат политики кои ќе им одговараат токму на младите.
„По пет години од донесувањето на законот се појавуваат општини во кои е истечен мандатот на првоизбраните членови на локалните младински совети, а постапка за повторно избирање сè уште не е започната“, стои во извештајот на НМСМ.
Дополнително, бројот на општини кои имаат локален младински совет е намален за 6 – од 34 во 2023 на 28 во 2024 година. Во 42 општини нема започнато никаков процес за формирање ваков совет.
За да се направат програми прилагодени за млади, Законот предвидува и Локални стратегии за млади. Замислени се како стратешки документи, со впишани цели и приоритети, ама општините слабо ги есапат.
„Во 17 општини се спроведени консултации со младите за Локална стратегија за млади, а во 10 општини е усвоена Локалната стратегија за млади, односно само 12% од општините“, забележуваат од НМСМ.
Тоа значи дека усвојувањето се случило во 8 помалку општини. Односно, иако имало помрднување во 2023 – во 18 општини, сепак во 2024 година таа бројка е 10. Toa се Кисела Вода, Крива Паланка, Делчево, Чашка, Битола, Кривогаштани, Новаци, Струмица, Гостивар и Теарце.
„Од прибраните податоци може да се забележи дека од оние општини коишто имаат усвоено Локални стратегии за млади, во 3 општини не се усвоени акциски планови на стратегијата, во една општина нема спроведено консултативни средби при креирањето на стратегијата, а во една општина нема спроведено ниту консултации, ниту пак е креиран акциски план“, е нагласено во документот.
Канцелариите за млади влегуваат во т.н. сервиси за млади. Канцеларијата претставува примарна точка за контакт на младите со институциите и со неа раководи именуван службеник за млади.
„Согласно со податоците од општините, 17 од нив тврдат дека имаат формирано канцеларии за млади (21% од општините), и притоа појаснуваат дека со именувањето на службеникот за млади се наведува и неговата улога да раководи со канцеларијата за млади. Меѓутоа, 10 од општините немаат донесено одлука и/или решение за воспоставување на канцеларијата за млади, тврдат дека просторот во кој работи службеникот е неформална канцеларија за млади, земајќи предвид дека во решението за назначување на службеникот за млади една од наведените обврски му е раководење со канцеларијата за млади“, пишува во извештајот.
Во една општина има донесено одлука за отстапување на Туристичко информативен центар за користење на Локалниот младински совет, што општината го смета за канцеларија за млади.
„А само во 4 општини има уредно донесени одлуки или решение за воспоставување на канцеларијата за млади, тоа се општините: Куманово, Кавадарци, Зрновци и Илинден“, посочува НМСМ.
Младинските центри се места каде што треба да се подготвуваат и се спроведуваат програми што ја подобруваат благосостојбата на младите, развојот на личниот, социјалниот и професионалниот живот на младите. Исто така информации од важен интерес за младите, но и други аспекти од животот на младите.
Согласно Законот за млади, секоја општина има обврска да формира младински центар во рок од 5 години откако стапил на сила законот.
Тој рок истече сега во јануари 2025 година.
„Досега, согласно со достапните податоци, младински центри има во 14 општини (17% од сите општини), и тоа во: Центар, Чаир, Куманово, Пробиштип, Штип, Велес, Кавадарци, Битола, Струмица, Македонски Брод, Охрид, Боговиње, Брвеница и Гостивар“, е наведено во извештајот.
Истражувањето на НМСМ покажува дека само 7 младински центри имаат своја програма за работа, 4 имаат навеле негативен одговор, додека 3 општини воопшто не одговориле.
„Дополнително, важно е да се напомене дека во дел од општините функционираат младински центри со донаторска поддршка, но без притоа да добиваат финансиски средства од општината“, објаснуваат од НМСМ.
Во поглед на ситуацијата со минатата година, бројот на младински центри се намалил од 16 на 14.
Според законот, сите општини, исто така, имаат обврска да именуваат службеник за млади, односно „лице кое ќе биде одговорно за работењето на Канцеларијата за млади, како и за координирање, спроведување и следење прашања од интерес за младите во делокругот на надлежностите на институцијата“.
„Именуваните службеници за млади беа достапни на официјалната веб-страница на Агенцијата за млади и спорт, заедно со нивните електронски пошти, на кои младите можат да им се обратат. За жал, повторно поради промената на организацијата на Агенцијата во Министерство за социјална политика, демографија и млади овие податоци повеќе не се достапни“, забележано е во извештајот.
Затоа податоци се добивани од самите општини.
„Од последните достапни информации (јули 2022 година), може да се утврди дека досега се именувани 56 службеници за млади во државните институции, односно органите на државна управа, додека според одговорите, во 55 општините е именуван младински службеник. Процентуално гледано, 68% од општините ја имаат исполнето истата обврска“, стои во документот.
Сепак, НМСМ забележува, во институциите и општините многу често се менуваат службениците за млади. Оттука, велат тие, потребна е професионализација на службениците со цел тие конкретно да се запознаат со своите надлежности и обврски, и притоа да се обезбеди стабилност на позицијата, а не нејзино ротирање помеѓу вработените во институцијата, односно општината.
„Дополнително, постапката и критериумите за именување лице за службеник за млади се оставени на дискреција на надлежните лица во општините. Практиката покажува дека е потребно унифицирање на работата на младинскиот службеник како и поставување основни критериуми со цел да се осигури дека именуваното лице има некакво познавање во областа на младинските политики и работата со млади“, стои како предлог во извештајот.
Со документот, НМСМ го анализираат и Истражувачкиот центар за теми поврзани со младите во Агенцијата за млади и спорт.
Радио МОФ објави за овој Центар кога пишувавме за остварените мерки по едногодишниот мандат на Владата. Центарот по укинување на Агенцијата влезе во новото Министерство за млади, но проблемот е што тој сè уште не е целосно формиран.
Истото важи и ова гласно најавувано министерство.
[Мегафон] Една година мандат на Владата – многу зборови, ама малку мерки за младите
„Во Истражувачкиот центар, од предвидените 6 работни места, пополнети се 3 работни места. Дополнително од достапните информации, не може јасно да се утврди кои ќе бидат работните задачи на Истражувачкиот центар во идниот период“, нагласуваат од НМСМ.
Во делот на финансирањето, за да се реализираат обврските предвидени во Законот, предвени се најмалку 0,3% од државниот Буџет.
Точно 39 општини, или близу половина, одговориле дека одвоиле буџет за млади во 2024 година. Од нив, пак, само 32 го навеле износот на средствата.
„Во однос на 2023 година се забележува значителен раст на општини кои одвоиле средства за млади, односно бројот на општини се зголемил за 26 општини (26% повеќе). Може да се забележи дека општините најмногу средства издвојуваат за стипендирање на ученици, студенти и талентирани млади, вакви средства имаат издвоено 13 општини “, пишува во документот.
Истовремено, голем дел општини немаат контретна намена на планираните средства за млади, додека за опремување или работа на младински центар пари одвоиле само 11 локални самоуправи.
„Според добиените информации се забележува дека во 2024 година, само 11% од општините, односно 9 општини го одвоиле законскиот минимум на финансиски средства, односно најмалку 0,1% од вкупниот буџет на општината“, потенцираат од НМСМ.
По анализа на сите овие податоци, НМСМ бара итно усвојување на измените и дополнувањате на законот и усвојување на подзаконски акти, за целосно да се уредат сите законски одредби.
Измените веќе ги анализираше и Радио МОФ. Клучно, можеби најзначајно, е воведување систем на одговорност. Новината носи казна од 1.000 евра за градоначалник кој нема да формира канцеларија за млади, нема да назначи службеник за млади, или нема да иницира младински центар.
Она што НМСМ го споменува како заклучок од извештајот, е и потребата да се издаваат упатства и прирачници за спроведување на законските одредби, особено на локално ниво.
Понатаму, потребна е и професионализација на младинските службеници и воспоставување на механизам за надзор и поддршка на општините во имплементацијата на Законот, како и зајакнување на капацитетите и улогата на одделенијата во Секторот млади во новото ресорно министерство.
Притоа, НМСМ бара да се воспостави посебна буџетска ставка за млади во буџетите на локалните и националните институции, со цел јасно да се дефинира буџетот наменет за млади, но и да се организирање надзорна расправа за имплементацијата на законот од Собранието, со што би се унапредило значењето и влијанието на Законот за млади.
Бојан Шашевски