Булеварот „Илинденска“, пред владиниот објект во Скопје, денеска беше зборното место на протестниот марш на граѓанската иницијативата Стоп за Усје, која по двете блокади пред скопската Цементара, сега повика на собир за да се посетат и потсетат неколку институции за нивните одговорности против аерозагадувањето.
„Институциите треба да бидат на страната на граѓаните, а не на страната на индустријата“, рече претставникот на Стоп за Усје Александар Тодевски пред Владата.
Тој пред новинарите нагласи дека сега, кога Усје е пред барање за нова А-интегрирана дозвола од Министерството за животна средина, може да се вметнат и нивните барања, доставени до институциите.
„Од институциите, барем засега, имаме само молк. […] Усје загадува веќе 35 години. Доколку Усје, како што вели, не загадува, тогаш нема да има проблем да рече ‘ОК’ и барањата да бидат прифатени“, посочи Тодевски.

Меѓу другото, еко-активистите бараат да проработи мерната станица во Кисела Вода, да се инсталира автоматски CEMS систем за 24-часовно следење на оџаците на Цементарата, воедно Усје во производството да премине кон почисти енергенси, како природен гас или водород.
Истовремено, да се ревидираат постојните мерки за прогласување на вонредна еко-состојба и да се акредитира државната лабораторија за воздух.
Протестниот марш се движеше по „Илинденска“, булеварот „ВМРО“, „Даме Груев“, па преку „Димитрие Чуповски“ до Собранието.
Напред маршот го предводеше голем транспарент „Профит за Усје, болест за народот“.
На протестот се приклучија граѓани од повеќе генерации. Некои дојдоа со своите деца, родители или пријатели. Дојдоа пеш, или буткаа точак и тротинет. Имаше и луѓе со своите миленици.
Сите заедно маршираа низ централно Скопје, извикувајќи „Сложно и сѐ е можно“, „Разбуди се народе, ни ги трујат децата“ и „Стоп за Усје“.
Притоа се слушаа свирчиња, но и извици од типот „Дојдете со нас“ и „Скопје, разбуди се“, особено кога толпата поминуваше покрај „Рекорд“ и улица „Македонија“.
Кога дојдоа кај законодавниот дом, до пратениците упатија извици „Уаааааа“. Апелираа народните избраници да ги извршуваат своите одговорности и работат со интерес на јавното здравје.
Протестот заврши кај Министерстото за животна средина и просторно планирање (МЖСПП). Таму, секој можеше да истапи и на микрофонот да каже што мисли и чувствува за аерозагадувањето, а воедно да даде критики, предлози или решенија за состојбата.
Повторно беше отворено прашањето за А-интегрираната дозвола на Цементарата Усје, бидејќи таа истекува во март 2027.
„Тоа е важен документ, кој ја регулира работата на фабриките. Усје сега во март 2026 треба да поднесе барање за да се продолжи таа дозвола. Тука е моментот кога ние како народ можеме да влијаеме, за да не нè загадуваат“, рече девојка од импровизираната бина пред МЖСПП.
Технологот Драган Кавраков, зборувајќи за досегашната дозвола на Усје, посочи дека Цементарата годишно произведува 1.750.000 тони цемент и согорува различни цврсти горива од 1.467.000 тони, приближно двапати повеќе од количеството што сите возила во Скопје го трошат за една година.
„Во интегираната дозвола нема напишани ниту еден ред за контрола на горивата што влегуваат и се согоруваат во фабриката. Дозволено им е да емитуваат 7.800 килограми сулфур диоксид на ден во атмосферата. Оваа количина е хемиски еквивалент на речиси десет тони сулфуреста киселина дневно. Не знам кој им дозволил и се прашувам дали се компетентни да знаат што прават, но ним им е дозволено да согоруваат 35.000 тони алтернативно гориво во кое е вклучена пластика, сечкани гуми и текстил. Дозволено им е да согоруваат петрококс од 160.000 тони, 258.000 тони лигнит, кој е најнеквалитениот јаглен, 534 тони јаглен. И за ниту едно гориво нема дефиниран квалитет за влез во фабриката“, рече Кавраков и го повика МЖСПП одговорно да пристапи кога донесува одлуки за дозволи.
Премиерот Христијан Мицкоски денеска, непосредно пред да започне протестот, рече дека институциите работат на сите можни начини за да им се обезбеди на граѓаните поздрава и почиста средина, потенцирајќи дека граѓанските реакции и протести се составен дел од демократското општество.
„За денешните протести многупати сум кажал дека секој има право да го изнесе своето незадоволство преку протест. Ние како Влада правиме сѐ за граѓаните да имаат здрава и чиста животна средина. Тоа што со децении ништо не е правено – немам што да кажам“, изјави денеска Мицкоски.
Од „ТИТАН Усје“, пак, повторно стигна соопштение дека компанијата не е причина за загадувањето на воздухот во Скопје.
Од компанијата рекоа дека и во периоди кога фабриката не работела поради редовен ремонт, измерените вредности на ПМ10 честичките останале високи, достигнувајќи и до 275 микрограми на кубен метар. Во тој период, како што тврдат, двете печки биле надвор од функција, едната од 20 декември 2025, а другата од 16 јануари 2026 година.
„’ТИТАН Усје’ е под постојан 24-часовен независен мониторинг на емисиите, со мерни инструменти поставени од германската компанија SICK, до кои компанијата нема пристап, а резултатите од мерењата се јавно достапни. Граничните вредности на емисии утврдени во А-интегрираната дозвола се построги од законските и дека не се надминуваат, благодарение на современи филтри и континуирани инвестиции во модернизација“, соопштија оттаму и додадоа дека анализите покажувале како индустријата има помало влијание врз загадувањето во споредба со греењето, сообраќајот и другите урбани извори, а повикаа и на стручен дијалог за квалитетот на воздухот.
Текст, фото и видео: Бојан Шашевски





















