Скопје масовно се солидаризираше со семејствата на загинатите од Кочани: 63 сенки ќе ве следат – секој поглед бара правда

Голем транспарент со натпис „63 сенки ќе ве следат – секој поглед бара правда“ и фотографии од 63-те жртви од пожарот во Кочани, денеска беше во прв ред на Маршот на ангелите во Скопје, на кој се приклучија и солидаризираа повеќе илјади граѓани.

Инициран од семејствата на загинатите од дискотеката „Пулс“, поддржан и од движењето „Кој е следен?“, маршот се движеше од Плоштад „Македонија“, преку Собранието, па сѐ до Основниот кривичен суд, каде за неколку денови ќе почне судењето за случајот.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Радио МОФ (@radiomof)

Протесниот марш стартуваше симболично во 12:05 часот, беше мирен, но истовремено полн со извици, емоции и пораки.

Низ маршот можеа да се видат транспаренти како „Тишината е соучество“, „Профит во крв“, „Ние родителите скапо го плативме данокот на корупцијата“, „Кој ќе ни ги врати другарите?“, Крени го гласот пред да е касно“…

Наталија Ѓорѓиеска, сопругата на пејачот Андреј Ѓорѓиески од ДНК, кој загина во пожарот во „Пулс“ порача пратениците да иницираат надзорна расправа и посебна анкетна комисија за, како што рече, целосно и независно испитување на случајот.

„Бараме да се утврди вистината, каде се случиле пропустите, кој не реагирал, кои институции задоцнија, кој ја имал должноста да спречи, а не спречил. Бараме посебна анкетна комисија, затоа што сите имаме право на вистина. Истражувањето што се водеше остана нецелосно, со многу отворени прашања, без одговор и недоразјаснети околности. Ние, семејствата, останавме со сомнеж дека вистината овојпат е сокриена“, рече таа пред законодавниот дом.

И додека семејствата бараа помош од пред Собранието, пратениците расправаа за ребаланост на буџетот. Тие ги слушнаа нивните пораки, но за време на маршот останаа внатре да ги завршат точките од дневниот ред.

„Боли индиферентноста на сите овие институции и на сите оние кои не излегоа тука со нас. Боли затоа што институциите заминаа на одмор веднаш по трагедијата, а потоа си влегоа во кампања“, кажа Анастасија Павловска од „Кој е следен?“

Пред Кривичниот суд, се скандираше „Правда за Кочани“, „Не се откажуваме“ и „Правда за децата“.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Радио МОФ (@radiomof)

Таму семејствата на загинатите побараа транспарентен, непристрасен и правичен судски процес.

„Тоа им го должиме не само на нашите деца, туку и на целото општество. Обвинителниот акт опфаќа 35 лица и три правни субјекти, меѓу кои има поранешни министери, градоначалници, директори и одговорни лица во фирмите со ноќниот клуб – ‘клубот на смртта’. Бараме правда, целосна, вистинска и навремена“, рече човек од семејствата на загинатите, повикувајќи ги сите судии, обвинители и сите вклучени институции да ја исполнат законската и морална обврска.

Розета Џамова, исто така сестра на еден од загинатите во „Пулс“, пред судот посочи дека нивните најмили не се меѓу нас, но нивната судбина не смее да биде заборавена или скриена зад, како што рече, институционални пропусти, интереси или политички пресметки.

„Премногу семејства живеат со неправда во оваа држава. Нема да дозволиме нашите најмили да бидат уште една статистика, уште еден еден случај закопан во папка. Не бараме сожалување, бараме правда. Не бараме тишина, бараме вистина. Не бараме компромиси, бараме одговорност“, нагласи таа.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Радио МОФ (@radiomof)

Пред Судот се обрати и Борјан Ефтимов од „Кој е следен?“. Тој повика поддршката кон семејствата да продолжи и понатаму.

„Овие луѓе се дел од нас, не се нешто друго. Ние сме сограѓани. Ние сме истите, чекориме по исти улици, живееме во исти домови, учиме во исти училишта, се лечиме во исти болници. И ако продолжиме да живееме живот секој за себе, и да си го следа секој својот интерес, и да го гледа својот комфорт – ова ќе продолжи да се случува. Дали мислите дека сите ќе одговараат, ако си отидеме среќени дека сме биле на еден протест? Ако продолжиме како досега? Нема! Мораме како народ конечно да се здружиме и да почнеме да дејствуваме заедно“, рече тој во емотивен говор пред судот, додека истовремено се групно се скандираше „Секој еден, може да е следен“.

Судењето за случајот, еден од најтрагичните во поновата македонска историја каде загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени – почнува на 19 ноември.

Текст, фото и видео: Бојан Шашевски
*Последното видео е на „Кој е следен?“