Понекогаш соништата ги напуштаат нашите срца и се вселуваат во оваа, универзална реалност. Ни дозволуваат да ги живееме и им се сладиме и на крајот, зад себе оставаат само една светла трага во времето, како нешто што се случило, за момент… и било прекрасно. Вака започнува приказната за магичниот остров Занзибар во моето срце. Точно вака ми е запишана, со мастило што истовремено мириса на кокос, цимет и ванила, од дланки лепливи со сок од ананас подадени кон сонцето.
Имав прилика да поминам 10 дена таму, а доволен ми беше првиот за да се вљубам инстантно и со целото мое срце. Првото место во кое стигнав е Паџе и го паметам како место во кое се смеев постојано, а заплакував повремено (веројатно ова е добар момент за да се каже дека сум мааалку поемотивна од просечниот човек). Од првиот момент во моите очи постоеше извесен особено интензивен, сиров контраст меѓу тоа изобилство на природни чудесии од едната, и таа сува, неверојатна сиромаштија сервирана од другата страна. И тоа едноставно не можеш да го игнорираш. Најфасцинантниот момент, сепак, е токму фактот дека сиромаштијата е само во однос на материјалните, опипливи нешта. Луѓето што ги сретнав и запознав таму се неверојатно богати, неверојатно големи во нивните суштини, во нивните души.
Во Паџе бев целосно интегрирана во животот на тамошното население. Ги посетив нивните улични штандови за локална храна, зачини, сувенири, накит, прекрасни парчиња облека и марами со нивните автентични принтови и бои. Сите секогаш сакаат да те привлечат и да те примат, се смеат и ти велат дека разгледувањето не се наплаќа. Сите секогаш сакаат да знаат како си и од каде доаѓаш. Паметам дека првиот ден ми се чинеше дека тие не знаат за друга фацијална експресија освен таа со огромна насмевка што секогаш изгледа толку искрено и буквално е заразна, дури и пренослива. Долго гледав во нивните бели заби, насмеани очи, накитени коси, нивните погледи полни длабочина. Се обидував сѐ да запомнам. Ништо да не ми избега.
Имав можност да го посетам нивното селско училиште. Во дворот во којшто немаше речиси ништо освен растенија, висеше еден метален предмет за којшто подоцна дознав дека е во функција на училишно ѕвонче. Ми беше дозволено да „заѕвонам“ со еден удар со метална шипка само еднаш, не повеќе, бидејќи три удари го означуваат одморот. Некои од децата ѕиркаа и ни мавтаа од зад металните шипки на прозорците, други мирно седеа во своите клупи меѓу голите ѕидови и гледаа во нивната наставничка (мама). Децата од одделението што го посетивме… каква радост! Сите насмеани ракоплескаа додека ни пееја песни за добредојде. Во селото Мтенде една млада девојка на моја возраст ми врза марама на главата и на половината и ме погали по образот. Потоа ме вклучија во нивен танц под едно огромно дрво, ми покажаа како да правам млеко од кокос, како да правам брашно од касава. Се радував бескрајно.
Но, не би било искрено доколку не споменам дека во сето ова има и некои поразителни призори, призори коишто никогаш нема да ми излезат од потсвеста. На пример, гледав како дваесетина мали момчиња играат „фудбал“ со распадната лушпа од кокос, исто толку среќни и полетни, небаре играат со најновата, најубавата фудбалска топка на светот. Или, малото момченце од селото Мтенде кое откако тажно ама ненаметливо ми сигнализираше дека е босо, го гледав како ми носи и ми подава тревка долга точно колку и неговото стапало како единствена мерка за бројот на неговите чевли. И тоа не можеш да го игнорираш.
На „островот на зачините“ ја посетив и „Градината на зачини“ и пробав каранфилче, видов како се одгледува циметот, ванилата, ѓумбирот, куркумата, мускатниот орев. Ја помирисав главната состојка на парфемот Chanel no. 5 и пробав од нивното мошне специфично и автентично кафе. Нуркав на полуостровот Фумба, пливав со делфини и разновидни рипчиња на островот Мнемба, го посетив и го гушнав едно од најнеобичните и најстарите баобаб стебла на Занзибар и фаќав морски ѕвезди во познатата Сина Лагуна.
Го посетив и Stone Town, слушнав за историјата на Занзибар, ја видов Старата тврдина, родната куќа на Фреди Меркјури којашто сега е хотел, го посетив и нивниот огромен и мошне „ароматичен“ пазар за риба и додека се трудев да впијам што е можно најмногу слики од овој град, дознав еден интересен интересен факт: Stone Town од 2000-та година се наоѓа на листата на светско културно наследство на УНЕСКО.
Имав можност да го посетам и културниот центар на најпознатото номадско племе во Танзанија, племето Масаи (Maasai). Ми се чини дека не трепкав додека две млади момчиња пред моите очи палеа оган триејќи парче дрво. Слушав за нивната религија, за потребата мажите да не се мажи туку воини, да се неверојатно силни – доволно силни за да се борат со лав, а жените способни да раѓаат, да ги градат и одржуваат куќите изградени од кал, дрво и кравји измет. И секако, да се грижат за децата.
На Занзибар шетав боса скоро секаде, танцував, го пиев нивното локално пиво „Килиманџаро“, се смеев до солзи и потоа плачев од љубов и благодарност, но и од сочувство, не од жал, бидејќи тоа би значело дека мислам дека сум подобра од некого. А, јас сум само привилегирана. Имам повеќе од доволно и знам, не секогаш барам повеќе, ама секогаш барам нешто ново. Занзибар беше токму тоа. Нов бран на свежина, како некое ново продишување, како внатрешна обнова и нова надеж. Веројатно тоа е ефектот на долго зјапање во небо и океан кој не запира со своето пространство.
Меѓу оние нешта кои ќе си ги понесам со себе засекогаш се и нивното „Хакуна матата“ и нивното „Поле, поле“. Во земја каде сѐ тече и се одвива полека и каде нема грижи, се почувствував како вистински да сум си дошла дома.
Викторија Ангеловска