Протестфест: Дошница – Заедно за последните капки чиста вода

Под мотото заедно „Заедно за последните капки чиста вода“, оваа сабота и недела (9 и 10 август) кај планинарскиот дом во Смрдлива Вода над Гевгелија ќе се одржи „Протестфест“, дводневен протест-фестивал со жива музика, работилници, дискусии, детска програма, отворен базар и планинарски акции, во знак на протест против изградбата на две мали хидроцентрали на Дошница, една од најчистите реки во Македонија. 

„Овој викенд, Кожуф ќе пулсира со звукот на отпорот, музиката и љубовта кон природата! По повеќе од 40 дена блокада од локалните граѓани и еко-активисти од цела Македонија, Граѓанската иницијатива ‘Спас за Дошница’ објавува ‘Протестфест: Дошница’ – настан што ги обединува сите оние кои не сакаат да ги изгубиме водата, шумите и планините во Македонија како жртви на профитот и алчноста“, соопштуваат иницијаторите на собирот.

Тие нагласуваат дека ова не е само протест, ова е одбрана на чистата, питка вода од која зависи иднината на граѓаните, децата и идните генерации што ќе живеат на ова парче земја.

„Питката вода е ограничена, не е бесконечна, и без неа нема живот! А институциите се расфрлаат со нашите последни, недопрени, чисти извори на питка вода како да нема утре. Затоа дојди и придружи ни се! Ќе се дружиме, ќе слушаме музика, ќе читаме поезија и ќе им нагласиме на институциите најгласно што можеме: Реките нема да се ставаат во цевка!“, стои во најавата.

Активистите посочуваат дека Македонија не е хидроцентрали, не е бетон и згради, не е приватна фирма која секој може да ја уништува.

„Македонија е мајката природа, реките, езерата, планините, изворите. Македонија се свесните луѓе кои знаат што значи да се зачува и одржи недопрената природа, за и таа да може да нѐ чува нас!“, нагласуваат тие.

Оттука, порачуваат дека гласно го креваат својот глас против изградбата на две мали хидроцентрали на реката Дошница и загрозувањето на водата за пиење на Демир Капија, Гевгелија, Кавадарци, Неготино и Росоман, уништувањето на македонската автохтона пчела, животинскиот и растителен речен свет и исконската шума на Кожуф.

„Да ја одбраниме честа, духот и човечноста за која нашите деца и внуци ќе ни бидат благодарни. Дојди и биди дел од отпорот против уништувањето на нашата природа!“, стои во повикот за „Протестфест“.

Во сабота, програмата нуди настапи на The Mole Pack, Мојра, Медарски, Kungfoolish.

 

Исто така, креативни работилници за деца и возрасни, но и дискусии за енергетската политика, природата и активизмот.

Во недела, посетителите ќе можат да се приклучат на мирната блокада на трасата на хидроцентралите, а потоа да уживаат во поезија, филмска проекција и џем сесии во домот.

Во однос на локацијата (Google Maps), иницијаторите посочуваат дека во рамките на паркот и кампот не се продаваат пијалаци и храна.

„Настанот е организиран доброволно од волонтери, граѓани и учесници“, стои во соопштението.

Од аспект на сместување и кампување, планинарскиот дом има капацитет за сместување на 22 луѓе, како и сместување на 30 шатори во рамките на кампот и уште 40 шатори во паркот. Сите кампери треба да си донесат опрема за кампување. Камперите може да резервираат место со претходна најава на нивниот Фејсбук или Инстаграм профил.

Повеќе информации за настанот  ТУКА.

Во однос на прашањето зошто се таму, потенцираат дека планираните хидроцентрали ќе ја пресушат реката, ќе уништат цели екосистеми и ќе ја загрозат водата за пиење за илјадници граѓани од Демир Капија, Кавадарци, Гевгелија, Неготино и Росоман. И сето тоа, велат од иницијативата, за минимално производство на струја која веќе ѝ е загарантирано откупена на приватна фирма, со пари од граѓаните.

„Малите хидроцентрали се еден од најголемите криминали. Тие произведуваат незначително малку струја, а убиваат цел екосистем: реката се зафаќа високо во планината, низ цевка се спушта многу пониско до централата и реката пресушува.  Државата им дава на инвеститорите загарантирана откупна цена на произведената струја за 20 години (ниту еден друг извор на енергија нема загарантирата откупна цена!). Граѓаните плаќаат дупло: Без разлика на реалната моментална цена на струјата, поради загарантираната откупна цена ние плаќаме повисоки сметки за струја, а бидејќи овие хидроцентрали се субвенционирани, ние ги плаќаме субвенциите преку даноците“, нагласуваат од иницијативата.

Исто така, велат од таму, лесно и брзо се даваат кредити под маската на „зелена“ и „обновлива“ енергија.

„Не се спроведуваат целосни студии од стручни лица, инвеститорите сами си изготвуваат елаборат кој никој не го проверува детално. Малите хидроцентрали се обврзани со закон да обезбедат биолошки минимум за проток на реката, меѓутоа тоа никогаш не е случај. Обичниот народ дознава за овие проекти кога багерите и машинеријата веќе ќе ги узурпираат реките и шумите, сите молчат пред да се случат“, нагласуваат од иницијативата, дополнувајќи дека Македонија не е хидроцентрали, туку таа е шума, извор, планина – таа е сите нас.

„Се гледаме на Протестфест!“, стои во повикот.