Поларис

Поларис

Поларис – радио емисија посветена на научната фантастика, фантазијата и хоророт  во која ќе се пренесуваат најновите информации од светот на дотичните жанрови, рецензираат класични и актуелни наслови, ќе се одвојуваат специјални емисии за поджанрови, автори и настани, како и гостувања на лица по повод теми од светот на фантастичното и страшното. Емисијата ја води Марјан Болтевски, секој вторник од 19 часот, на нашето радио.

 

 

ЕПИЗОДА 5

Во 1951 година, американска воено-научна експедиција е испратена на доверлива мисија на Арктикот, по барање на американската научна база која е таму стационирана. На одредено место во близина на базата е откриен неидентификуван летачки објект кој не припаѓа на ниту една држава, а по обликот и структурата е поизвесно дека е нешто што доаѓа од вонземска цивилизација. Објектот, колку и да е застрашувачки во својата појава, крие нешто пострашно.

Во меѓувреме, во Ново Мексико, една полициска патрола ќе најде девојче кое осамено талка низ големата пространа пустина на американскиот југ. Детето е во кататонична состојба и не реагира на ниту еден гест од патролата. Истрагата на полицајците по родителите на девојчето ги води до една камп-приколка која изгледа како да е отворена со клешти, а на местото се најдени само крвави траги и раскинати вреќи со шеќер и чудни звуци кои не можат да се припишат на локалните животни и птици.

 

 

ЕПИЗОДА 4

Повеќе од 20 години се поминати од последното појавување на Бетмен, мрачниот витез и вечен борец против криминалот. Градот Готам во тој период доживува драстична трансформација – високи футуристички облакодери, летачки автомобили, болници и станици опремени со најновата технологија ги заменуваат објектите од минатото. Но Готам е ист во сржта, каде корупцијата, криминалот и тајните заговори не можат да се одвојат од душата на градот. Тери Мекгинис, успешен и паметен средношколец ќе се најде во конфликт со уличната банда на Џокерите, и по игра на случајноста ќе се најдат пред портите на напуштен имот. Нивната борба ќе биде прекината кога Тери ќе биде спасен од еден агилен и спретен страрец. Неговото име е Брус Вејн.

 

ЕПИЗОДА 3 

Најновата епизода е за Vampire the Masquerade, култната друштвена и видео игра од популарниот World of Darkness и Blade, одличната хорор акција со Весли Снајпс како легендарниот ловец на вампири. Воедно, ова е и првиот радио подкаст за оваа сезона каде за сите работи поврзани со вампирите зборувавме со Мартин Божинкочев.

 

ЕПИЗОДА 2

Втората епизода посветена за SCP Foundation

Во нашето секојдневие сме слушнале за секакви појави кои можат да се протолкуваат како митови, преданија или урбани легенди со свој микс, но што ако овие работи се вистински феномени до последниот збор, или приближно опишани, а не се знае во целост нивната суштина? Што ако постои тајна организација која има легитимитет над сите светски влади да води грижа за феномените кои отскокнуваат од нормалноста и води тајни битки со други тајни организации со свои мотиви и битија со пострашни моќи? Оваа епизода е за SCP Фондацијата и огромната низа на досиеја за интересни и необични предмети и појави.

 

ЕПИЗОДА 1

Ја стартуваме новата седма сезона на Поларис, со Half-Life, епохалната серија на видео игри на Valve.

Едно мајско утро Гордон Фримен, истакнатиот научник по теоретска физика, вработен во Black Mesa, ќе учествува во настан наречен каскадна ресонанца, катастрофа која ќе покани секакви суштества од други димензии, меѓу кои и The Combine, кои ја покоруваат Земјата за неколку часа. Останува на нашиот тивок научник, со помош на неговите пријатели и неговата верна хебла да ја исправи оваа грешка.