Погoлем пристап за ученици Роми и со попреченост, поспремни наставници и нов Закон за средно образование, препорачува ЕК

Македонија треба да усвои нов Закон за средно образование, да изготви подзаконски акти за спроведување на Законот за образование на возрасни и Законот за стручно образование и обука. Исто така, да го подобри пристапот до квалитетно образование за сите, особено за децата со попреченост и децата од ромските заедници, дополнително да ги развива вештините на наставниците и да инвестира во нивниот континуиран професионален развој, стои во најновиот извештај на Европската комисија (ЕК) за напредокот на Македонија, во поглавјето 26 за образование и култура.

Како што нотира ЕК, Македонија во оваа област е „умерено подготвена“, а притоа е остварен „ограничен напредок“.

Стратегијата за образование 2018–2025 е главниот документ што го регулира образовниот сектор. Механизмите за следење сè уште не се доволно дефинирани. Потребно е да се изработи и усвои нова стратегија. Јавните трошоци за образование и обука се намалија малку, на 3,17% од БДП во 2024 година, што и понатаму е далеку под просекот на ЕУ од 4,6%“, стои како забелешка во документот.

Во текот на извештајниот период, потенцираат од ЕК, капацитетите на јавните и приватните установи за ран детски развој и згрижување  / градинки се зголемија за 1.072 места. Меѓу децата на возраст од 0 до 6 години, 37,4% се запишани во вакви установи, а меѓу оние од 3 до 6 години стапката на запишување е 46,8%, што претставува мало зголемување, но сè уште е далеку под целта на ЕУ од 96%.

„Во согласност со Законот за основно образование, Концепцијата за основно образование, која ги вклучува и ‘зелените вештини’ и новите наставни програми, постепено се воведува. Властите треба да ги подобрат капацитетите на школскиот систем за да овозможат оптимизација и преструктурирање на мрежата на училишта. Вкупно 10 општини изработија план за оптимизација на училишната мрежа“, нотираат од ЕК.

Во однос на Новиот модел за финансирање на основното образование, чија цел е поефикасна распределба на средствата меѓу општините, изготвен од Министерството за образование и наука (МОН), ЕК потенцира дека тој беше одобрен од Владата.

Бројот на ученици во основното образование се намали за 1,5% во споредба со претходната година, додека во средното образование се зголеми за 0,53%. Во учебната 2024–2025 година, во основното образование беа запишани 177.740 ученици (86.051 девојчиња). Во средното образование вкупниот број на запишани ученици изнесуваше 66.075 (31.948 девојчиња)“, стои во извештајот.

Во однос на инклузивното образование, нагласуваат од ЕК, по одреден постигнат напредок – пред сè со задолжителното запишување на ученици со посебни образовни потреби во редовните основни школи – измените на Законот за основно образование го вратија тој процес, овозможувајќи нивно запишување во ресурсни центри.

Илустративно фото: Енвато

„Уделот на учениците со посебни образовни потреби во редовните основни училишта во 2024–2025 година изнесува 1,3%. Вкупниот број на образовни асистенти во основното образование се зголеми од 818 во учебната 2023–2024 на 1.018 во 2024–2025“, посочува Комисијата.

Во овој дел, нагласено е и зголемувањето на ученици Роми, но и дека МОН додели 934 стипендии за основно образование.

Од друга страна, EK бара властите дополнително да го поддржат развојот на дигиталните вештини низ основното и средното образование и да ги зголемат капацитетите на образовните институции и наставниците за развој на овие вештини во согласност со Акцискиот план на ЕУ за дигитално образование 2021–2027.

„Во 2024 година, алатката SELFIEforTEACHERS беше воведена во земјата, овозможувајќи увид во подобрување на дигиталните вештини на наставниците и поддршка на образовните стратегии“, потенцирано е во докуменот, при што е додадено дека Македонија презела чекори кон „ефективна кохерентна и инклузивна дигитална трансформација на образовниот систем преку опремување на училиштата, воведување дигитални учебници во основното образование и пилотирање на новиот Информациски систем за управување со образованието (EMIS)“.

ЕК нотира пораст на уделот на учениците запишани во средното стручно образование и носење на Законот за стручно образование и обука (СОО), усвоен во декември 2024 година. Тој донесе неколку новини, како што е формалното партнерство за дуално образование меѓу стручните школи и работодавачите, нагласување на учењето преку работа и создавање мрежа на регионални центри за стручно образование и обука (РСОО).

„Во дуално образование биле вклучени 4.171 ученици кои соработуваат со 650 компании, во споредба со 3.755 ученици и 560 компании во 2023–2024 година. Бројот на дуални стручни паралелки се зголемил од 259 (во 2023–2024) на 283 (во 2024–2025). Во 2024 година, МОН започна неколку програми за стипендии со цел поддршка на дуалното образование. Концепцијата за постсредно образование беше усвоена во јануари 2025 година“, потсетува ЕК.

Во високото образование, во академската 2024/2025 година, вкупно биле запишани 53.535 студенти, што претставува зголемување од 2,33%. Поголемиот дел од нив (76,8%) се запишани во јавни високообразовни институции, додека 23,2% во приватни.

„Главен предизвик останува подoрувањето на квалитетот на високото образование преку развој на процесите за акредитација и обезбедување квалитет. Северна Македонија е членка на Европскиот простор за високо образование (Болонски процес) и треба да продолжи со целосна имплементација на клучните обврски согласно Извештајот за имплементација на Болонскиот процес од 2024 година, особено во делот за автоматско признавање и обезбедување квалитет. Три универзитети се дел од европски универзитетски алијанси“, се вели во документот.

Од аспект на младинската политика, забележува ЕК, нема достапни извештаи за Националната стратегија за млади 2023–2027 и акцискиот план 2023–2025.

Во областа на културата, пак, земјата повторно го одложи усвојувањето на измените на националното законодавство за култура и на Стратегијата за културен развој и заштита на културното наследство 2023–2027.

„Министерството за култура треба да ги зајакне своите капацитети и да обезбеди соодветно финансирање за заштита на различните културни изрази и наследството на земјата. Потребни се поголеми напори за заштита на културното наследство. Градот Скопје, назначен за Европска престолнина на културата за 2028 година, мора да ги забрза подготвителните активности во согласност со препораките од мониторинг состаноците. Северна Македонија ја има ратификувано Конвенцијата на УНЕСКО од 2005 година за заштита и промоција на разновидноста на културните изрази и продолжува со целосно учество во програмата Creative Europe“, пишува во извештајот на ЕК.

Бојан Шашевски