Најновата 92-ра велосипедска Критична маса ќе се вози во среда, 24 септември, кога во Скопје повторно ќе ѕвонат улиците, а велосипедистите ќе порачаат „Идни градоначалници, доста беа лепенки, време е за нова гума!“.
Рутата под ова мото ќе тргне во 17:30 часот од плоштад „Македонија“, па ќе се упати низ Аеродром и околу центарот до Градски парк.
Од неформалното здружение НаТочак, иницијаторите на Критична маса, објаснуваат дека се работи за интернационален настан, собир на велосипедистите и заедничко возење кој веќе 33 години се случува во светот, а 13 години во Скопје. Поентата е преку бројноста, голема група заедно (т.е. доволна критична маса) фактички и симболички „да го пробие патот“ на улиците и до свеста на сограѓаните и донесувачите на одлуки.
„Оваа Критична маса се случува во пресрет на локалните избори со јасна порака до кандидатите за градоначалници: да понудат план за градот во кој велосипедистите и пешаците се дел од решението, а не жртви на хаотичниот автоцентричен сообраќај. НаТочак бара планирање и изградба на поврзана велосипедска мрежа, слободни тротоари, распространета зона 30, како и вистински јавен простор за сите – деца, родители со бебешки колички, лица со попреченост, повозрасни граѓани“,, стои во повикот на НаТочак.
Покрај тоа, вело-активистите бараат и системски решенија: јавен превоз со посебни ленти, современ систем за изнајмување точаци, повеќе зелени зони и мерки кои ќе ја намалат зависноста од автомобилите.
„Сообраќајната хиерархија мора да се промени. Во град за луѓе, пешачењето, возењето велосипед и користењето јавен превоз се висококвалитетни опции, а автомобилот не е господар на улиците“, посочуваат од групата.
На Критичната маса се очекуваат стотици граѓани кои со своето присуство ќе покажат дека Скопје може да биде поубаво и похумано место. Организаторите потсетуваат: секој вози на своја одговорност, а најважно е заедничкото испраќање на порака – дека половичните мерки, „лепенките“ веќе не помагаат, време е за потемелна промена во Скопје.
Според нив има 2 избори: или ќе се избере поквалитетен, поздрав, поактивен, позелен град, избор за кој се потребни многу храбри одлуки и на почеток непопуларни мерки, но куп продобивки на крајот.
Или, како што велат, ќе се избере полесниот пат, со продолжување на автоцентричното статус-кво, без суштински промени, со презентирање некакви „лепенки“ дека нешто сработиле ситно „тука и таму“, со автомобили по тротоари, неразвиен јавен и велосипедски превоз, и лишување од сите придобивки.
„Ние го бираме првото и во тоа име и сите придобивки од вело-пријателскиот град Ве повикуваме да ни се придружите со своите велосипеди на Критична маса #92. Ѕрн – ѕрн!“, се вели во повикот на НаТочак.
Потсетуваме како беше и на претходната Критична маса, преку која велосипедистите исто алармираа до идните градоначалници – „Критично е“.
„Имаат голема можност, шанса да направат суштински промени. Имаме еден едноставен предлог: зошто не се качите една недела на точак? Да ги паркирате колите и да видите со што се соочуваат велосипедистите, пешаците, родителите кои туркаат колички, лицата со попреченост и сите оние оние што не се во удобноста на колата. Време е велосипедот и останатите превозни средства да се изедначат со приматот што постои во нашиот град, а тоа е автомобилот“, посочија тогаш од НаТочак.
Меѓувремено, НаТочак објавија и 10 предлози до кандидатите за градоначалници, меѓу кои за распространета велосипедска мрежа, слободни тротоари и квалитетен јавен простор, потоа за вардарска зелена активна магистрала, паркинзи за велосипеди, како и за систем за изнајмување велосипеди.
Воедно, меѓу чекорите за пешачко и велосипедско Скопје 2025-2029, беа и т.н. Визија нула и Зона 30.
Понатаму, побараа подобри стандарди и транспарентност, да се организираат Денови без автомобили, да се даваат субвенции за велосипеди и велосипедска опрема – единствено како продуктивен маркетинг кога граѓаните добиваат реален точак, но и да има промена на сообраќајниот систем на Скопје.
Бојан Шашевски