[Фото] Граѓани на протест порачаа „Стоп за Усје“

„Профит за Усје, болест за народот“, „Воздухот отиде у 500 ПМ“, „Дајте ве молам за убави работи да зборуваме“, „Скопје се гуши, државата молчи“…

Ова беа дел од транспарентите и пораките на вечерашниот протест на раскрсницата пред Усје во Скопје, каде граѓани порачаа „Стоп за Усје“ и побараа низа мерки против аерозагадувањето во главниот град, а притоа дел од присутните ѝ подарија на Цементарата и пехар за „најдобар загадувач“.

Од иницијативата „Стоп за Усје“ бараат мерната станица од Кисела Вода – поставена во дворот на Цементарата уште во 2023 – да се стави во функција, да работи 24 часа и да се интегрира во јавните апликации за приказ на загаден воздух.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Радио МОФ (@radiomof)

„Бараме автоматски CEMS мониторинг систем. Ова значи, ако мерната станица на оџаците на Усје покажат над дозволениот праг на загадување, веднаш да добијат казна, по примерот на Safe City. Бараме мерки од Министерство за животна средина за прогласување на вонредна еко-состојба при температурна инверзија и надминување на граничниот праг на дозволено загадување и инстантно стоп на работата на Усје, вклучувајќи ги и рудниците што ги имаат и копаат. Да се елиминираат сите горива со високозагадувачки својства од производниот процес на Усје и да се премине кон гас или водород“, рекоа од иницијативата.

Меѓу другото, побараа да се акредитира и државната лабораторија за да може да се мери аерозагадувањето, да се поништи одредбата за „деловна тајна“ од Законот за контрола на индустриски емисии, како и да се запрат активностите на рудникот за лапорец во склоп на Усје.

„Усје најстрого да се придржува до сите мерки од А-интегрираната дозвола“, нагласи претставникот на „Стоп за Усје“.

Микрофонот на протестот одеше од рака до рака. Секој можеше да истапи, да каже критика, предлог, идеја, решение.

„Треба доследна имплементација на законите за сите, без исклучок. Бараме транспарентни мерења, редовни контроли, јавно објавени податоци и реални санкции кога се загрозува здравјето на граѓаните“, рече Елена Николова од „Еко-свест“ од импровизираната бина.

„Местото на една фабрика за цемент не е среде главен град, особено не во град лоциран во контлина како Скопје. Котлинската поставеност значи слаба циркулација на воздухот и задржување на загадувачките честички со денови, па дури и недели, диретно над домовите. Сите правила на современото урбано планирање јасно укажуваат дека ваквите капацитети треба да бидат дислоцирани надвор од густо населените средини, со соодветна инфраструктура и контрола, а не да бидат оставени како товар што секојдневно го плаќаат граѓаните со своето здравје“, нагласи таа.

Воедно, како што потенцираше, начинот на кој Усје функционира денес ќе стане економски неисплатлив со започнувањето на целосната имплементација на Механизмот за јаглеродно гранично прилагодување – CBAM.

„Овој мехамизам ќе наметне реална цена за емисиите на CO2, што значи дека производството базирано на високи јаглеродни емиии ќе биде сѐ поскапо и помалку конкуретно. Наместо навремена трансформација кон почисти технологии, декарбонизација и намалување на емисиите, моменталниот модел ја става фабриката во позиција на финансирки ризик, а товарот индиректно го префрла на граѓаните и државата“, посочи Николовска.

Неколку часа пред протестот, од „Титан Усје“ рекоа дека работењето на Цементарницата е под постојан надзор на Државниот инспекторат за животна средина. Од компанијата тврдат дека последниот инспекциски увид бил извршен на 18 декември, како и ненајавена контрола на 18 ноември, при што во двата случаи било утврдено дека нема отстапувања од законски дозволените лимити.

„Фабриката располага со високо ефикасен и комплексен систем на филтрирање, со околу 2.000 филтер-вреќи по филтер, кои ја задржуваат прашината и ја враќаат во производниот процес. Категорично ги отфрламе тврдењата дека филтрите се исклучуваат. Тие се неразделен дел од производната линија“, рекоа оттаму.

Додека „Титан Усје“ вели дека нема директна поврзаност меѓу работењето на цементарницата и загадувањето на амбиенталниот воздух во Скопје, граѓаните од улица најавија уште протести и блокади во наредниот период, сѐ додека не дишат чист воздух.

Текст и видео: Бојан Шашевски
Фото: Исмет Шабановиќ