[Фото] Активисти и уметници преку акција порачуваат „Исклучи го говорот на омраза“

Во Скопје  на локација на малиот сквер кај „Ким“ е поставена нова уметничко-активистичка интервенција со наслов „Исклучи го говорот на омраза“. Централниот објект на акцијата се состои од огромен прекинувач со димензии 100x200x150 сантиметри, симболично претставен како копче кое граѓаните треба да го притиснат за да го исклучат говорот на омраза.

Сепак, според авторите активисти и уметници, исклучувањето не е така лесна задача во реалноста и затоа акцијата ја симболизира неможноста лесно да се ослободиме од говорот на омраза.

„Токму заради тоа  копчето е заштитено со дрвена ограда обвиткана со бодликава жица, што ја нагласува тешкотијата и невозможноста да се постигне оваа цел поради пречките што ги создаваат оние кои го шират говорот на омраза. Дополнителна симболика носат и силуетите на ‘чувари’ – фигури на војници наредени околу прекинувачот, секоја носејќи натпис со имиња на најчестите ‘сејачи’ на омраза: политички партии, екстремисти, социјални мрежи, квази-медиуми и други“, посочуваат авторите.

Со оваа акција, уметниците и активистите упатуваат порака дека иако граѓаните имаат волја и желба да го исклучат говорот на омраза, системските бариери и интереси на „чуварите“ го прават овој чин речиси невозможен. Инсталацијата, нагласуваат тие, ја отсликува реалноста во која живееме – борбата против говорот на омраза не е едноставна, таа бара обединетост, солидарност и јавен притисок.

„Поставувањето на вакви уметнички акции има за цел не само да привлече внимание, туку и да иницира критичка мисла и дебата меѓу граѓаните. Ова е повик за сите да станат свесни колку е деструктивен говорот на омраза и колку е потребна заедничка акција за негово надминување. Акцијата уште еднаш потсетува дека културата и уметноста се моќни алатки за промена и заштита на демократските вредности“, посочуваат авторите.

Оваа акција е подготвена од Центарот за современи уметности – Скопје во рамките на проектот Мрежа за разновидност 2.0 – Нова агенда што го спроведува Здружението за унапредување на новинарските практики „Иновативни медиуми – Скопје“.

Фото: Центар за современи уметности