Четвртото издание на Меѓународниот ден на џезот ќе се одбележи во живо на социјалните мрежи

Здружението на џез музичари годинава на поинаков начин ќе го прослави 30 април – Меѓународниот ден на џезот.

Поради пандемијата на новиот коронавирус, Здружението ќе приреди концерт кој ќе биде прикажен на нивната Фејсбук  страница преку онлајн видео стриминг, кој ќе се пренесува и на Фејсбук страниците на Град Скопје и Младинскиот културен центар.

,,В четврток, во текот на целиот ден, ќе имаме можност да проследиме неколку концерти на врвни македонски музичари и групи: соло настап на Антоние Весковски, концерти на „Кабадајас“ и на „Зулу 3.4“, концерт на групата „Светлост“, како и на бендот на Михаил Парушев и на групата „3ject“. Секако, ќе имаме можност да слушнеме и настап на ЗЏМ Колектив – комбо ансамбл составен од изведувачи кои се членови на Здружението на џез-музичари и кои и се веќе добро познати на македонската џез-публика”, најавуваат од Здружението.

На труба ќе свири Трајче Велков, алт саксофон – Кирил Кузманов, пијано – Гордан Спасовски, тапани – Гоце Стевковски и бас – Дарко Мучев.

Како специјални гости на овој концерт ќе се појават Џијан Емин на пијано и Ѓорѓи Шарески на гитара. Ќе биде изведена оригинална музика од членовите на ансамблот.

Перкусионистот Антоние Весковски со својот проект насловен „AVP Project“, со песни од неговиот албум „Wonderland“ кој набрзо треба да биде објавен. Неговиот сет се состои од повеќе инструменти на кои ќе свири – маримба, вибрафон, клавијатури, бас, гитара и перкусии.

„Кабадајас“ се: Дејан Милосављевиќ на тапани, Зоран Костадиновски на гитара и Ѓоко Максимовски на бас, кои ќе изведат композиции од нивните два студиски албуми, како и нов материјал кој е во подготовка за снимање, додека на концертна изведба на „Зулу 3.4.“ ќе се слушнат композиции од нивните два студиски албуми „FM to AM“ и „Expandability“.

Концертот на бендот „Светлост“, ќе претстави дел од нивниот композиторски и изведувачки опус, како и нови композиции, но и музика која спонтано ќе произлезе од нивните креативни мигови.

Во авторскиот проект на тапанарот Михаил Парушев насловен „Jazz fusion proekt“ се и: Зоран Костадиновски на гитара, Мартин Јосифовски на бас, Александар Николовски на труба и Филип Димишковски на пијано.

„3јеct“ е најновото возило за сонично истражување на тројца музичари со разгорени умови и нескротлива побуда за трасирање на музички автопати со нагласен дефицит на знаци и ленти. Поробени од најголемата слобода на „свирење од нула“, потпкрепени од вградени параметри, создаваат ненадејна музичка емпатија која потекнува од незабиколниот индивидуализам на тројцата музичари. „HOMEVERSE“ го документира нивниот иницијален поход кон непознатото и е своевидна ода на Мајката Вселена и нејзиниот modus operandi.

Програма

За во 14 часот е закажан концертот на АНТОНИЕ.

Во 15 часот ќе почне настапот на ZULU4.

Во 16 часот за скопјани ќе настапуваат PARUSSION GROUP.

Во 17 часот ќе почне концертот на СВЕТЛОСТ.

За во 18 часот е закажан настапот на 3JECT.

Терминот од 19 часот е резервиран за концертот на КАБАДАЈАС.

Во 20 часот, пак, ќе настапат ЗЏМ КОЛЕКТИВ – гости Џијан Емин и Георги Шарески.