[Фото] Граѓани на протест дадоа „жолт картон“ за Усје и Министерството за животна средина

„Жолт картон за Усје и МЖСПП“, „Не нè убива ‘магла’, туку вашата ненаситна алчност“, „Во Македонија 1 од 9 бебиња умира од загаден воздух“, „Воздухот не е луксуз, тоа е право“, „Скопје се гуши, државата молчи, ама не и ние“,„Во одбрана на животот“…

Ова беа дел од пораките и транспарентите на вчерашниот нов еколошки протест, инициран од Стоп за Усје, поддржан од повеќе граѓани и еко-активисти.

Протестниот собир се одржа во вид на блокада на раскрсницата на булеварите „Србија“ и „Борис Трајковски“, во правец кон Усје, односно во непосредна близина до кружниот тек пред влезот на Цементарата, за која граѓаните уште на крајот на декември побараа континуиран 24-часовен мониторинг.

На блокадата, на импровизираната бина, секој можеше да земе микрофот и да каже што мисли и чувствува. Главно се зборуваше за аерозагадувањето, здравствените последници, за мерките против загадениот воздух, како и дека индустрискиот капацитет е голем причинител за ваквите состојби.

Симболично, Усје и Министерството за животна средина добија „жолти картони“ од присутните.

Иницијативата Стоп за Усје ги повтори барањата за да проработи мерната станица во Кисела Вода, да се инсталира автоматски CEMS систем за следење на оџаџите на Цементарата, воедно Усје во производството да премине кон почисти енергенси, како природен гас или водород.

Истовремено, да се ревидираат постојните мерки за прогласување на вонредна еко-состојба и да се акредитира државната лабораторија за аерозагадувањето.

На ваквите барања, како што нагласија, досега институциите останаа глуви.

„Не веруваме во модел каде што индустриски капацитети сами мерат и сами пријавуваат податоци за загадувањето. Затоа бараме 24/7 јавен мониторинг, достапен за граѓаните во реално време. Само така Усје може јавно и транспарентно да докаже дека не загадува. Од што се плаши?“, прашаа од иницијативата.

Според иницијативата, граѓаните имаат право на вистински и реален увид во воздухот што секојдневно го дишат. Тоа, како што велат, не е привилегија, туку основно право.

„Доколку институциите и понатаму молчат и одбиваат да постапуваат, јасно порачуваме: ќе следи радикализација на граѓанскиот притисок преку поинтензивни, почести и пошироки акции. Ова не е закана. Ова е директна последица на институционалната неактивност“, посочија од иницијативата.

Со свој став се јави и „ТИТАН Усје“. Компанијата негира дека го загадува воздухот, оценува дека нападите се тенденциозни и се засновани на произволни толкувања.

„Дека компанијата не е причина за ваквите состојби, покрај другото, зборуваат и фактите од последните неколку дена. Имено, поради редовен ремонт двете печки не работат – едната од 20 декември 2025 година, а втората од петокот на 16 јануари 2026 година. И покрај тоа што ‘ТИТАН Усје’ целосно не работи, на 16 јануари највисоката вредност на ПМ10 честичките достигна 275 микрограми на кубен метар, на 17 јануари – 250, на 18 јануари 202. Во понеделникот на 19 јануари – 190 и вчера, во вторник – 221 микрограми на кубен метар. Оваа состојба се потврдува секоја година“, соопштија од компанијата.

Од таму велат дека „ТИТАН Усје“ има А-интегрирана дозвола и тврдат дека Цементарата е под континуиран 24-часовен независен мониторинг на излезните гасови од оџаците, а резултатите од мерењата се јавно достапни преку неделни извештаи.

Бојан Шашевски
Фото: Радио МОФ