Доделена наградата „ДЕНЕС“ – млади уметници ќе имаат можност за културни престои и изложби

Организацијата Факултет за работи што не се учат – ФРУ, Скопје, во соработка со мрежата „Награди за млади визуелни уметници“ (YVAA), резиденциската програма Residency Unlimited (RU), Њујорк, и фондацијата Trust for Mutual Understanding, Њујорк, по деветнаесетти пат го организираше процесот за доделување на наградата „ДЕНЕС“ за млад визуелен уметник до 35 години од Македонија.

На церемонијата во Чифте амам беше отворена изложбата на финалистите за наградата, а беа соопштени и добитниците.

Добитник на „ДЕНЕС 2025“ е Крсто Глигорјадис кој добива двомесечен престој во Residency Unlimited во Њујорк во 2026 година, Мила Добревска добива едномесечен престој во Галеријата „Простор“ на организацијата „Културен хаб Хрватска“ во Сплит во 2026 година и самостојна изложба во просторот, а Наташа Неделкова ќе има самостојна изложба во земјава во 2026 година.

„Наградата ‘ДЕНЕС’ се доделува на годишно ниво за исклучителна и истакната тековна уметничка практика која подразбира критичко и естетско размислување и дејствување, и е единствена награда од овој вид во земјава. Оваа значајна и независна награда која постои 22 години во земјава, покрај двомесечната програма за престој на уметници во Њујорк, вклучува и други можности и резиденции. ‘ДЕНЕС’, исто така, овозможува и уникатно искуство на уметниците да бидат дел од специјално наменет едукативен процес во визуелната уметност насловен ‘Совршениот уметник’, да имаат средби и презентации со интернационално жири и да продуцираат дело во рамки на изложба како финалисти на наградата“, соопштија од ФРУ.

Оттаму посочуваат дека наградата „ДЕНЕС“ е основана во 2002 година како годишна награда за најдобар млад ликовен уметник до 35 години во земјава од Центарот за современи уметности – Скопје во соработка со Фондацијата за граѓанско општество од Њујорк, САД, но официјално првпат беше доделена во 2003 година.

Намерата на наградата „ДЕНЕС“ е да им понуди повеќе можности на младите уметници да ги совладаат своите уметнички интереси и да ги прикажат пред пошироката публика, како и да се продлабочат дискусиите помеѓу институциите и младите уметници. Од 2015 година наградата локално ја организира здружението Факултет за работи што не се учат – ФРУ, во рамки на фестивалот АКТО.

Досегашни добитници на наградата ДЕНЕС се: Марко Гутиќ Мижимаков, Ѓорѓи Десподов / Клелија Живковиќ / Бурџу Мусли, Ивана Мирчевска, Елена Чемерска, Верица Ковачевска, Зорица Зафировска, Иван Ивановски, Филип Јовановски, Велимир Жерновски, Илија Прокопиев, Кристина Божурска, Ѓорѓе Јовановиќ, Ана Ивановска, Борис Петровски, Атанас Ботев, Далибор Тренчевски, ОПА (Опсесивна посесивна агресија) и Славица Јанешлиева.

Во истиот објект вечерта се отвори и самостојната изложба „Сè што незабележливо ползи“ на Ивана Самандова, уметничка која ја доби наградата самостојна изложба во рамки на ДЕНЕС 2024. Изложбите се отворени до 13 декември во Чифте амам.