[Фото] „Комбо“ преку собиранка на „Маалски бувљак 6“ го одбележа првиот роденден

Во дворот на „Комбо“ во скопска Железара се одржа шестиот „Маалски бувљак“.

Посетители дојдоа, слушаа музика, ама и избираа облека и предмети од втора рака, за да им дадат нова шанса и втор живот.

Притоа, како што велат од „Комбо“, се прослави нивниот прв роденден, се испија многу кафиња, дознаа многу судбини, родија нови познанства, подновија нечиви плакари, а заедницата си заедничареше.

„Една година полна со кафе муабети кои прераснале во настани, проблеми со отпад во детски работилници, саксии во јавни градини и гости кои станале пријатели“, соопштија сестрите Ивана и Ана.

Во продолжение, потсетуваме на видеото што Радио МОФ го правеше со Ивана и Ана на крајот на ланската година, откако го стартуваа „Комбо“:

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Радио МОФ (@radiomof)

Се работи за простор кој е кафуле, но и место за дружење, дискутирање, креирање и за никнување на разни социо-културни иницијативи, што произлегуваат од самата заедница што циркулира и го обликува овој простор.

Неодамна просторот го проширија и со библиотека, а „Маалски бувљак“ веќе стана традиционална собиранка што ги одржува старите предмети, но и колективниот дух.


Бојан Шашевски
Насловната фотографија и тие од галеријата се на Јуроп Хаус / „Комбо“