Црн токсичен чад денеска над Скопје: Голем пожар во фабрика за електронски отпад во Трубарево

Повеќе од пет часа врз главниот град е издигнат црн чад кој доаѓа од пожар во скопско Трубарево. Според последните информации од Дирекцијата за заштита и спасување, горат објектите на рециклаторен центар „Ф-Групација“ која се занимава со електронски отпад, соработник на фирмата „Нула Отпад“.

Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Стојанче Ангелов рече дека станува збор за „хибриден напад врз државата“.

„Според мене се работи за намерно подметнат пожар, не е едноставно да се запали ваков објект. За кратко време имаше пожари на депониите ‘Вардариште’, ‘Дрисла’ и вчера во Шуто Оризари, и денес оваа фабрика. За мотивите, како и за откривање на сторителите работат МВР и останатите служби. Апелирам до сите граѓани на 112 или на кој било друг начин да го пријават секое сомнително поведение“, истакна Ангелов.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Радио МОФ (@radiomof)

Како што посочи тој, во објектот имало голема количина пластика која предизвикала густ, црн и веројатно токсичен чад.

„Веднаш до нивните објекти има уште два објекти во кои има поголема количина на пластичен отпад, а се делумно зафатени од пожарот. Нашата прва цел е да не се дозволи ширење на пожарот, затоа сите ресурси кои ги имаме во Скопје се насочени тука“, додаде Ангелов.

Според „Шанса за Центар“, компанијата која гори е овластена за преземање на литиум јонски батерии од апарати и возила, како и секаков електронски отпад.

„Треба да се знае кога горат литиум – јонски батерии најтоксична супстанца која се ослободува е хидроген флуорид (HF), која може да предизвика тешки нарушување на здравјето доколку е во затворен или полузатворен простор. Според европската агенција за хемикалии (ECHA) HF е класифициран како многу токсичен, корозивен и опасен за здравјето дури и при ниски концентрации. Покрај HF, при горење на батериите гори и електролитот кој е внатре како и пластиката и амбалажата во која се спакувани. Од нив дополнително се ослободува јаглерод диоксид (CO₂), јаглерод моноксид (CO), соединенија што содржат хлор, азот, сулфур и ред други соединенија кои не се нетоксични. Кога гори електронски отпад во кој многу често има печатени плочки, пропратна пластика и други материјалот како олово (Pb), кадмиум (Cd), хром (Cr), никел (Ni), бакар (Cu) и цинк (Zn) со горењето се создаваат соединенија кои ги содржат овие елементи. Дополнително литиум-јонските батерии при горење развиваат многу високи температури (од 800- па до 1600 степени зависно од јачината) дури прават и мини експлозии“, велат од граѓанската иницијатива, додавајќи дека се надеваат дека пожарникарите се соодветно заштитени.

Од Министерството за здравство информираа дека ја следат состојбата со пожарот и се во постојана координација со сите надлежни институции.

„Службите на Министерството се подготвени за навремено постапување во рамки на своите надлежности, а во зависност од натамошниот тек на настаните“, објавија тие.

Граѓанската иницијатива Зелен хуман град, пак, смета дека Македонија нема институции.

„Со месеци се подметнуваат пожари и никој не одговара, а партијашите на власт само ги рециклираме“, нагласуваат оттаму.

Од еколошкото здружение „О2 Иницијатива“ бараат отпад надвор од населено место веднаш.

„Добро бе има ли некој нормален во државава!?! Има ли некој што спроведува стандарди, почитува правилници!?! Луѓето се жалат дека улицата им ја затруле носачи на отпад од секаде, кои сеат по пат сè и сешто. Шталите ги дал под кирија наследник на АД ЗИК СКОПСКО ПОЛЕ Трубарево“, реагираат тие.

Инаку, ова доаѓа веднаш по актуелните пожари на депониите Вардариште и Дрисла. Радио МОФ вчера објави дека во повеќе делови во Скопје септемвриското утро повторно донесе чад и магла што ги „голташе“ зградите и куќите. Мирисаше на изгорена пластика, гума или ѓубре, како да е длабока зима, па граѓаните повторно мораа да затворат прозор за да „пролуфтираат“ по дома. Освен што беше визуелно и „печеше“ на нос, аерозагадувањето некаде дојде и до црвената зона, што деновиве е причина да продолжат граѓански протести и петиции.

Исто така, „Секој ден во шест“ и „Стоп за Вардариште“ е мотото на блокадата што се одвива на раскрсницата на булеварот „АСНОМ“ и „Србија“ во Аеродром, пред мостот „Киро Глигоров“. Таму веќе континуирано ден за ден протестираат локалци, но добиваат поддршка и од останати општини. Млади и стари – граѓани, активисти, доктори, експерти – сите на купче против загадувањето, сите со реакции за горливата состојба.

Загадувањето повеќе од визуелно – институциите смируваат, а граѓаните реагираат со протести и петиции