Точакољупците вртеа педали низ скопските улици на 91-та Критична маса, со цел да укажат на низа градски проблеми со кои се соочуваат велосипедистите, но и сите оние што барем малку излегле од удобноста на својот автомобил.
Според НаТочак, иницијативата што повика на новата Критична маса, меѓу велосипедистите никогаш не недостигало заедништво, без разлика дали се собираат за убави или неубави теми. Заедништвото секогаш било како заедничка црта, бидејќи ги врзува желбата за позитивна промена во градот.
„Сега се собравме бидејќи состојбата е разочарувачка. Ситуацијата не оди по нагорна линија, дури и се менува кон полошо. Како група никогаш не сме барале совршени услови за возење во град, меѓутоа тоа што го гледаме надвор на улиците воопшто не ни се допаѓа, па оттаму и слоганот ‘Критично е’“, посочија од НаТочак.
View this post on Instagram
За вело-активистите нема сомнеж – ако гледаат по неколку столпчиња или по неколку премачкани ленти – тоа не значи дека се работи на вело-инфраструктурата, туку е чист маркетинг.
„Примарната велосипедска инфраструктура не се развива, а секундарната мрежа е оставена во рацете на градоначалниците на општините, доколку има некоја желба. Тоа е далеку од доволно и далеку од она што сакаме да го видиме“, нагласија тие на собирот.
Она што на неколку пати го повторуваат е дека изградените и реконструираните патеки не се одржуваат, срушените столпчиња никој не ги обновува, нови вело-држачи не се поставуваат, пристапноста не се подобрува, решенијата не се надградуваат. Односно, она што се подобрило пред 5 или 10 години таму и застанало. Нема заобиколувања околу автобуските постојки, контејнерите седат непоместени точно среде патеките, а од ѓубрето околу нив едвај можете да се помине. Оттука, сметаат дека тешко извојуваните вело-победи се претворија во горки вело-порази.
Од небезбедни сообраќајни решенија, ширење булевари без концепт, толерирање бесправно паркирање, до нерамни вело-патеки со дупки… Листата е долга, а тоа велосипедистите секој ден го гледаат и го живеат.
„На тема безбедност, гледано по бројки, годишно се случуваат по две дискотеки ‘Пулс’, со над 120 жртви. Очигледно е дека мерката ‘кампањско казнување’ – не функционира. А, тоа треба да се работи систематски, треба да биде постојано и да се знае дека има последици за однесувањето на улиците. Градот се’ уште нема стратегија и нема визија за сообраќајот. Градот се’ уште нема ни јавен систем за изнајмување велосипеди“, рекоа од НаТочак на собирот.
Главна порака упатија до кандидатите за градоначалници, во очи на локалните избори што ќе се случат оваа година.
„Имаат голема можност, шанса да направат суштински промени. Имаме еден едноставен предлог: зошто не се качите една недела на точак? Да ги паркирате колите и да видите со што се соочуваат велосипедистите, пешаците, родителите кои туркаат колички, лицата со попреченост и сите оние оние што не се во удобноста на колата. Време е велосипедот и останатите превозни средства да се изедначат со приматот што постои во нашиот град, а тоа е автомобилот“, посочија од НаТочак.
Текст, фото и видео: Бојан Шашевски